Криза во Босна и Херцеговина до изборите во 2014-та
19 септември 2011Лидерите на шест парламентарни партии потврдија на вчерашниот (15.09.) состанок во Сараево дека не се подготвени за компромисни решенија, иако тврдат дека ги приближиле ставовите за сите прашања, освен за Советот на министри. Очекувањата дека законите за попис на населението, државната помош и воениот имот ќе се решат за дваесетина дена не се поткрепени со конкретени докази.
Колку политичарите во Босна и Херцеговина се неподготвени за компромис, потврдува и неуспехот во спроведувањето на пресудите во случајот „Сејдиќ – Финци“. Тоа е случај во кој двајца босански граѓани, Евреин и Ром, покренаа и добија процес против Босна и Херцеговина пред Европскиот суд за човековви права во Стразбур, бидејќи им е оспорено правото да се кандидираат за Претседателството и Парламентот на Босна и Херцеговина поради националната припадност. Според уставот и законите во оваа земја, право на државнички функции имаат само припадниците на трите конститутивни народи.
Јасно е дека пресудата не може да се примени без реформа на уставниот систем, што отвора многу прашања кои се однесуваат на организацијата, функционирањето и надлежностите на државните институции, а во прв ред на Парламентот и Претседателството.
Да сакаат да ја спроведат пресудата на Европскиот суд во случајот „Сејдиќ – Финци“, националните политички елити би ги побарале одговорите, или барем советите, во невладиниот сектор, тврдат аналитичарите, истакнувајќи дека експертите во минатите две години формирале голем број предлози, односно амандмани, кои што се однесуваат на спроведувањето на пресудата „Сејдиќ – Финци“.
Политичарите не ги прашуваат експертите
„Се работи за експерти од различни конститутивни народи и двата ентитета, и како што луѓето од иста струка успејаа да се согласат, нема причина тоа да не го сторат и политичарите“, вели експертот за уставно право од Бања Лука, д-р Горан Марковиќ. Марковиќ. Марковиќ за Дојче веле појаснува зошто лидерите случајот „Сејдиќ – Финци“ вчера го вратија во комисиска фаза.
„Спроведувањето на оваа пресуда не е едноставно, бидејќи се работи за функционирањето на институциите, а кога ќе се постави тоа прашање, националните политички елити не отстапуваат од максималистичките цели. На тој начин се правдаат пред избирачите, бидејќи нивниот легитимитет е доведен во прашање. Тие немаат друг избор, освен со политички игри да се обидат да го зачуваат и тоа малку влијание и углед што им остана“, вели д-р Марковиќ.
Анализираќи ги причините за политичката криза која ја потресува Босна и Херцеговина уште од октомвриските избори, лидерот на Демократската партија и некогашен претседател на Република Српска, Драган Чавиќ потсетува дека првпат по Дејтон се направенидесно – леви политички блокови, односно сојузи помеѓу социјалдемократите и конзервативците.
Сојузништво за фотелји
„Довчерашните непомирливи соперници денес се сојузници, а последицата од таквото политичко шаренило е целосна недоверба, за што придонесува и судирот меѓу лидерите на лична основа“, истакнува претседателот на Демократската партија, нагласувајќи дека резултатот од политиката, во која главни актери се две социјалдемократски партии, држава без власт.
„Не верувам дека политичките елити денес размислуваат за она за што најмногу зборуваат, односно за евроатланските интеграции и подобрувањето на социјалната и економската состојба. Тие, пред се’ се борат за позиционирањето на највисоките функции во Босна и Херцеговина и ентитетите“, нагласува лидерот на Демократската партија.
„Мислам дека се до изборите, редовните во 2014-та, или вонредните, за што шансите се многу мали, во Босна и Херцеговина ќе трае некој вид на политичко – етнички конфликт помеѓу политичките елити, а оваа земја ќе биде во состојба на потполна политичка стагнација, заостанувајќи зад соседите во процесот на европските интеграции“, вели Чавиќ.
Автор: Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев
Редактор: Борис Георгиевски