1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвави протести по петочната молитва

АТ/ дпа/ ртр/ афп21 септември 2012

По петочнaтa молитвa во целиот исламски свет ескалираа протестите против навредливиот филм за пророкот Мухамед. Во Пакистан е убиено едно лице. Силите за безбедност се постојано на терен.

https://p.dw.com/p/16CM2
Фотографија: dapd

И покрај силните мерки за безбедност денеска загина едно лице на протестите против антиисламското видео од САД и карикатурите на пророкот Мухамед во еден француски сатиричен весник. Во пакистанскиот град Пешавар беше стрелано врз возилото на еден телевизиски тим. Возачот почина. Телевизискиот тим, според податоци на медиумиот „ARY News“ бил на пат кон кино, кое претходно било запалено од демонстрантите.

Пакистанскиот премиер Раџа Первез Ашраф претходно петокот го прогласи за празник во целата земја во чест на пророкот Мухамед и со тоа ги поттикна протестите. Филмот од САД, во кој се навредува пророкот Мухамед бил „најлошиот вид на биготерија“, изјави тој. Тоа нема никаква врска со слобода на мислењето. Истовремено Ашраф ги повика ОН и другите организации да најдат патишта да се забранат изјави, кои „поттикнуваат омраза и сеат семе на раздор“.

По изјавите на Ашраф голем број политички и религиозни групи повикаа на протести по петочната молитва. Во главниот град Исламабад полицијата од страв од нереди најави дека целосно ќе го изолира центарот на градот.

Pakistan Protest Christen Unschuld der Muslime Mohammed Film Video Schmähvideo Makassar Sulawesi Indonesien
Фотографија: dapd

САД емитуваат спот во Пакистан

Владата на САД во меѓувреме се обидува да ја деескалира ситуацијата. Портпаролка на владата соопшти дека во Пакистан се емитува видео спот на седум телевизии, на кој претседателот Барак Обама и министерката за надворешни работи Хилари Клинтон се дистанцираат од видео снимката. Во краткиот прилог со превод на урду јазик претседателот Обама подвлекува дека САД се земја, која од своето основање ги акцептира сите вери. Клинтон уште еднаш повторува дека САД немааат никава врска со антиисламското видео.

Во Малезија, според проценки на полицијата, пред американската амбасада и блиската џамија протестираа околу 5.000 луѓе. Амбасадата беше затворена, со оглед на тоа што се очекуваа протести. Премиерот Наџиб Разак го означи видеото како „длабоко навредливо“ и ги повика своите сонародници да го сочуваат мирот и да се погрижат протестите да не прераснат во насилство.

Во Индонезија беа стационирани оклопни возила на полицијата пред американската амбасада, која беше затворена од безбедносни причини.

Во целиот исламски свет во текот на денот се очекуваат протестни манифестации. „Насекаде во регионот ги зајакнавме мерките за безбедност и делумно ги зајакнавме одделите одговорни за безбедоста“, соопшти германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Истовремено повика „незадоволството, кое се шири во многу исламски земји, да се изразува на мирен начин“.