1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвав напад врз база на ОН во Јужен Суден

ЕМФ/дв18 април 2014

Во Јужен Судан не се безбедни ниту ОН. Во вооружен напад врз една база на ОН во Бор се убиени најмалку 58 луѓе. Во базата, инаку, засолниште имаа најдено илјадници цивили.

https://p.dw.com/p/1Bkgt
Фотографија: AFP/Getty Images

Американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер, е вџашена од подмолниот напад, во кој има и околу 70 повредени луѓе. Во комплексот на Обединетите Нации во Бор (на фотографијата) засолниште од насилството во земјата најдоа околу 5000 цивили. Пауер го осуди „бесрамниот, нечовечки напад врз невооружени цивили“. Се работи за „навреда на меѓународната зедница и повреда на основните принципи за заштита на цивили“, рече таа.

ОН претходно соопштија дека во нападот се повредени десетици цивили и војници на ОН. Војниците од мисијата на ОН во Јужен Судан, УНМИСС, возвратиле на нападот. По жестоката престрелка, напаѓачите се повлекле. Инаку, напаѓачите прво и‘ се приближиле на базата преправени како мирни демонстранти, по што отвориле оган.

Американската амбасадорка Пауер од лидерите во Јужен Судан побара да се грижат за „безбедноста на своите сограѓани“ и тоа да го стават над своите „кратковиди политички и економски интереси“.

Во декември минатата година, во напад врз база на ОН во Акопо, загинаа единаест цивили и двајца индиски војници.

Во Јужен Судан, кој како независна држава постои од средината на 2011 година, во декември ескалираше долго постоечката борба за превласт меѓу претседателот Салва Кир и неговиот поранешен заменик Риек Махар. Двајцата политичари припаѓаат на ривалски етнички групи. Борбите се проследени со злосторства на двете страни. Според проценките, досега ширум земјата се убиени повеќе од 10.000 лица, а околу 900.000 цивили се во бегство.