1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крајот на еден патријарх

Хенрик Беме / превод: ЕМФ27 април 2015

Повлекувањето на Фердинанд Пих од местото шеф на Надзорниот одбор на Фолксваген е завршница на борбата за моќ каква што досега немало. Хенрик Беме се прашува дали концернот ќе најде сила за промена на климата.

https://p.dw.com/p/1FFKf
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Само неколку реченици, но такви што отсликуваат приказна каква што досега немало во германската економска историја. „На дистанца сум од Винтеркорн.“ Со оваа реченица почна се‘ пред две недели. Патријархот Фердинанд Пих, со споредно занимање шеф на Надзорниот одбор на концернот Фолксваген, со тоа премина во напад против Мартин Винтеркорн. Самиот Пих го донесе Винтеркорн на чело на концернот пред седум години. Двајца мажи, една цел: Фолксваген да стане број еден во светот. Тоа извесен период одеше добро, дури и многу добро. Фолксваген беше на најдобар пат да ја оствари ваквата цел.

Око за око

Но со големината растеа и проблемите. Највисокиот надзорник Пих токму тоа и го имаше предвид кога тргна во напад против Винтеркорн. Автомобилскиот фанатик од Салцбург секогаш постапуваше на ист начин кога некој менаџер не му беше по волја. Но тогаш дојде втората реченица која промени се‘: по една кризна средба на најтесното раководство беше соопштено дека Винтеркорн е „најдобриот можен претседател на Управниот одбор за Фолксваген“. Силен удар за Пих, револуција во „кралскиот двор“. Винтеркорн како победник. Навистина? Пих се‘ уште не се предаваше. Бараше сојузници. Сето тоа очигледно без успех. Зашто, следуваше наредната реченица: Не, тој не сакал смена на Винтеркорн.

Deutsche Welle Henrik Böhme Chefredaktion GLOBAL Wirtschaft
Хенрик БемеФотографија: DW

Уништено животно дело

Набљудувачите не можеа да се доначудат. Се‘ појасно стануваше дека стариот волк се „претрча“. Неговите инструменти за одржување на моќта веќе не функционираа. Последната кризна средба се одржа во саботата. Соопштение од четири точки. Свидетелство за капитулацијата на Пих. Довербата е уништена. Последица - оставка. Крај на една приказна каква што досега немало. За Фердинанд Пих ова е многу повеќе од пораз. Тој е исправен среде урнатините на своето животно дело. Фолксваген, семејство, пари - овие три работи, токму по овој редослед, му се важни во животот, изјави еднаш тој. Она што не може да му се земе е грандиозната успешна историја која Фолксваген ја испиша во последните две децении. Пих ја имаше главната улога, на големата бина или како човек кој ги влечеше конците од позадина.

Како натаму во Фолксваген?

Сега трагичен крај. Притоа, Пих беше свесен дека огромниот концерн со 12 марки, обрт од 200 милијарди евра и 600.000 вработени има итно потреба од нова структура, дури и повеќе - од нова култура во претпријатието. Архаичните раководни структури, строго зацртаната линија на хиерархија, затворениот систем - сето тоа не беше соодветно на времето. Но тоа не може да се промени ако како патријарх седиш на тронот и сакаш да ги решиш проблемите со метод на забивање нож в грб.

Само, сега е прашање дали концернот Фолксваген има сила и вистински луѓе на врвот за да спроведе промена на културата. Големината сама по себе не е и концепт. Останува да се види дали концернот по турбуленциите од изминатите денови ќе се смири. Собранието на акционери кое треба да се одржи за две недели, а кое вообичаено е здодевен собир, сигурно ќе биде најинтересното во последните години.