1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на ерата на Шимон Перес

Таниа Кремер / Александар Методијев10 јуни 2014

Израелскиот парламент денеска (10.06.) го избира новиот претседател. Шимон Перес се повлекува од функцијата на крајот на јули. Изборната кампања за новиот прв човек на Израел беше одбележана со скандали.

https://p.dw.com/p/1CFEl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Израел завршува една ера. Денеска се избира наследникот на Шимон Перес. Овој деведесет годишен политичар нема намера повеќе да се кандидира. Функцијата на омилениот претседател, чиј живот и дел е тесно поврзан со создавањето на државата Израел, завршува на 27 јули.

Луѓето на еден пазар во Ерусалим веќе сега се по малку носталгични. „Тој е вистински државник и секогаш успеваше да ги претставува сите Израелци“, вели девојка која се вика Хен и додава: „За време на политичкото делување направи некои работи кои не ми се допаѓаа, но како претседател изврши добра работа“. Друг минувач, кој се вика Гај, истакнува: „Перес успеа да го презентира Израел во светот, а истовремено да биде близок со граѓаните“. Многумина се надеваат дека новиот претседател ќе биде сличен на сегашниот.

Перес важи за „лице на израелската допломатија“ во светот. Тој често ја преземаше дипломатијата во свои раце, посредуваше и се трудеше да ги смири спротивставените страни. Тоа првенствено тогаш кога угледот на Израел во светот беше нарушен поради десно ориентираната политика, наклонета кон еврејските доселеници и ширењето на еврејските населби, која ја водеше премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Експертите веруваат дека наследникот на Перес нема лесно да ја пополни празнината која се создава со неговото заминување.

Турбулентна кампања за нов претседател

Еден од причините за тоа е и што „трката“ за испразнетото место на врвот беше обележана со скандали и политички маневри, критикуваат дури и израелските медиуми. На почетокот се пријавија шест кандидати. За време на минатиот викенд, три дена пред изборите, еден од оние кои имаат најголеми изгледи за успех, социјалдемократот Бенјамин Бен-Елизер, мораше да се повлече. Полицијата во петокот го испрашување поради финансирање на еден луксузен стан.

Reuven Rivlin
Реувен РивлинФотографија: imago/ITAR-TASS

Бен-Елизер оваа акција на полицијата ја нарече „целен атентат“ на неговата кандидатура. Израелските медиуми саркастично забележаа дека кој во иднина има намера да се кандидира „прво би требало да провери дали има некој леш во подрумот“. Преостанатите пет кандидати сега можат да се надеваат на разделување на гласовите, кои инаку ќе ги добиеше Бен-Елизер – еден од политичарите од „тешка категорија“ на политичката сцена во Израел.

Инаку, претседателот во оваа држава не го избираат директно граѓаните, туку тоа го прават пратениците во парламентот. Се’ уште не е познато кој со кого се договорил, а гласањето е тајно.

Политички маневар на премиерот Нетанјаху

Кога граѓаните би можеле директно да избираат, тогаш 30 проценти од нив би го поддржале Реувен Ривлин, политичар од партијата Ликуд. Но, и неговата кандидатура не одеше баш „глатко“. Неговиот партиски колега Бенјамин Нетанјаху на почеток не му ја даде поддршката на својот долгогодишен соработник. Се верува дека тие не се во најдобри односи. Израелските медиуми му забележуваат дека во однос на ова имал политички курс во вид на цик-цак линија. Прво се обиде за шест месеци да го одложи изборот на новиот претседател, потоа целосно да ја укине таа функција, а на крајот самиот бараше соодветен кандидат. Дури откако стана јасно дека изборот мора да се одржи на 10 јуни, Нетанјаху го поддржа Ривлин. Тоа беше пресврт кој предизвика бројни цинични коментари во израелските медиуми.

Ривлин е кандидат на политичката десница и потекнува од „старата гарда“ на Ликуд. За разлика од Перес, тој не поддржува решение за Блискиот Исток кое подразбира формирање на независна држава Палестина. Тој важи за националист и ја поддржува градбата на израелските населби. Сепак, како претседавач со Кнесетот повеќе пати го блокираше курсот на владејачката коалиција на Нетанјаху. До раскинување на односите меѓу нив дојде во време на неговиот втор мандат. Тогаш премиерот го смени него од позицијата претседател на Парламентот, не наведувајќи никаква посебна причина за тоа.

Ривлин има добри шанси

Според досегашните проценки, Ривлин би можел да влезе во втор круг гласање, па дури и да направи изненадување и да ја добие поддршката од пратениците уште во првиот круг.

Во вториот круг негов противник би можела да биде поранешната претседателка на Кнесетот, Далиа Итцик. Таа би можела да профитира од повлекувањето на Бен-Елизер. Поранешната пратеничка од Работничката партија во 2005 година премина во партијата Кадима, која ја водеше Ариел Шарон. Таа беше првата жена на чело на Кнесетот.

За претседателската функција се кандидираше и Меир Шетрит од партијата Хатуна, а во трката има и двајца други кандидати за кои се верува дека немаат никакви шанси – Далиа Дорнер, поранешна судијка во Врховниот суд, и 73-годишниот научник Дан Шехтман, добитник на Нобеловата награда за хемија.