Крај на една ера за германските либерали
23 септември 2013Толку длабок пад, толку болен. Ова е „најгорчливиот час за ФДП“, рече Кристијан Линднер од либералите, откако беа објавени првите прогнози. Потврда сега стигна и од првичните официјални резултати. Само 4,8 проценти од гласовите освоија либералите, односно загубија речиси 10 проценти во споредба со 2009 година. За првпат по 1949 година партијата нема да добие ниту еден мандат во Бундестагот.
Линднер, инаку елоквентен претставник на партијата и покраински претседател на ФДП во Северна Рајна Вестфалија, речиси скаменет се бореше со себе во тоа негово прво интервју вчара вечер. Така изгледа разочарување.
Од рекордни височини до рекордни длабочини
Пред сѐ поради тоа што ФДП на претходните парламентарни избори во 2009 година го постигна својот најдобар успех: 14,6 проценти. А сега? Безпримерен пад - од рекордни височини до рекордни длабочини.
„Ова беше сметката за политиката“ вели политикологот Улрих фон Алеман. „ФДП направи грешки во нејзината политика, програмата во изборната кампања и кај раководството“.
Четири години трае еден легислативен период во Германија - за ФДП тоа беа четири години возење низ пругорнини и удолнини. Надолниот тренд започна непосредно по изборите. На притисок на либералите и ЦСУ владата тогаш донесе одлука да се намали ДДВ за преноќувањата во хотел. Речиси истовремено во јавноста беше обелоденета донација во висина од милиони за партијата од едно хотелско претпријатие. „ФДП веднаш стоеше како партија на клиентелизам, како партија за интереси, која сака да им го олесни животот на големите даночни обврзници“, вели Фон Алеман.
Интерно во партијата имаше превирање околу раководството: Меѓу другото поради падот на поддршката, Гидо Вестервеле во 2011 година мораше да ја напушти претседателската функција во партијата и да го препушти местото вицеканцелар во владата на Меркел. Меѓутоа и под раководство на новиот шеф Филип Реслер продолжи надолниот тренд. Најдолната точка партијата ја постигна во 2012 година при покраинските избори во Заарланд: 1,2 проценти гласови - тоа е најлошиот резултат за либералите во една западногерманска покраина по нејзиното основање.
Успех беше постигнат само кога кандидати на покраинско ниво се дистанцираа од партијата на сојузно ниво: Криситјан Линднер на пример во Северна Рајна Вестфалија. Тој постигна 8,6 проценти на покраинските избори или Волфганг Кубики во северна Германија, кој освои 8,2 проценти во покраината Шлезвиг Холштајн.
На Линднер и Кубики им помогна нивниот профил - нешто што недостасува на сојузно ниво: Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле доби потврда дека се испрофилирал извршувајќи ја министерската функција. „Но надворешно политички нема што да прикаже, каде може да се каже: да, надворешна политика, Вестервеле го постигна тоа и тоа“, криткува политикологот Фон Алеман.
Притоа ФДП има владино искуство. Ниту една друга партија во Германија не учествувала толку долго во владите: пред 64 години се одржаа првите избори во Сојузна Република Германија. ФДП оттогаш вкупно 52 години учествуваше во владите - дури и партијата на канцеларката Меркел, ЦДУ/ЦСУ вкупно 44 години била на власт.
Од 1969 до 1998 либералите беа речиси непрекинатно во власта, со различни партнери: прво со СПД, потоа со Унијата. Ниедна друга партија не била подолго непрекинато во власта. Но, ФДП секогаш беше помалиот партнер.
Виновна е исто и АФД
Дел од проблемот се и дргугите партии. „Силината на Меркел стана кобна за ФДП. Размерите на загубата во прва линија се должат на канцеларката и Унијата“, пресудува Фон Алеман. Изборниот успех во 2009 година во прва линија се должеше на гласањето на избирачите кои ја менуваат определбата. Тие беа разочарани од тогашната Голема коалиција, особено од ЦДУ. Сега тие повторно се повлекоа.
Тоа што ФДП сепак пропушти да влезе во Бундестагот, според гледиштето на политикологот се должи на една друга партија: „Без Алтернатива за Германија ФДП сигурно ќе влезеше во Бундестагот“.
Во анкетите пред изборите веќе се наѕираше дека ФДП нема да влезе во новиот состав на Бундестагот: на моменти имаше четири, на моменти шест проценти поддршка. Една недела пред изборите, жителите на Баварија исто така не ѝ изгласаа доверба на оваа партија за влез во покраинскиот парламент во Минхен. Исто така и на покраинските избори во Хесен, кои се одржаа паралелно со изборите за Бундестагот либералите не влегоа во парламентот. Во моментов ФДП е застапена само во парламентите на осум од 16 германски покраини, само во една покраина оваа партија е застепена и во покраинската влада.
ФДП, што сега?
Време за проштална песна? Не, вели политикологот Улрих фон Алеман, „ФДП е жилава. ФДП има голема историја. Таа има носители на мандати наскаде и во комуните. Таа е цврсто вкотвена во општеството, во јавноста - и затоа сѐ уште не е крај за ФДП“.
Еден услов: Стопанското и граѓанско либералното крило на партијта мораат повторно јасно и веродостојно да се вклопат едно во друго. Евентуално вистинскиот човек за тоа: Кристијан Линднер, поранешниот генерален секретар. Поразот е толку длабок, рече тој на изборната вечер: „Од утре ФДП мора одново да се обмисли.“
Повторната обнова ќе биде макотрпна. Но за тоа либералите сега имаат време од четири години - до наредните избори за Бундестагот.