Крај на германските повластици за лажните азиланти од Балканот
19 март 2014
Барателите на азил од Македонија, но и од целиот Западен Балкан, не ќе можат уште долго да ги уживаат погодностите кои ги нуди германскиот систем за граѓаните од светот кои се прогонети. Според иницијативата за измените на Законот кој го регулира азилот што го подготвува сојузното МВР, постапката за барателите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија ќе треба да се спроведе и заврши во скусена процедура за само седум дена.
Ова пред сѐ поради фактот што барателите на азил од Балканот станаа вистински проблем за Германија по 2009 односно 2010 кога стапи во сила визната либерализација. Притисокот од т.н. лажни азиланти секоја година е се поголем. Товарот особено го чувствуваат општините кои секоја есен се соочуваат со илјадници семејства Роми од Западниот Балкан кои во Германија доаѓаат на „презимување“.
Ефикасна законска рампа!
„Германија е отворена земја, особено за луѓето чии животи се загрозени, кои се дискриминирани поради етничката припадност, поради религиската или половата ориентација. Лани во Германија беа прифатени 127.000 азиланти што е четвртина од сите баратели во ЕУ, повеќе дури и од САД, така што никој не може на Германија да и забележи дека не е солидарна. Барателите од Србија, Македонија, од Западниот Балкан претставуваат повеќе од 30 проценти од севкупниот евидентиран број. Кога ќе се погледне, меѓутоа, квотата на признавање на правото на азил - таа кај државјаните од овие земји е најниска – меѓу 0 и 0,1 процент. Затоа е правилно овие држави, кај кои нема прогонување, да се декларираат како земји на сигурно потекло“, изјави за Дојче веле Штефан Мајер (ЦДУ-ЦСУ). Тој подвлекува дека актуелно во листите со параграфот 29-а од Законот за престој има две африкански земји за кои се вели дека имат сигурно потекло (Гана и Сенегал). Идејата е во секој случај тука да се вклучат и Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Оваа „тројка“ била тематизирана и во коалициониот договор меѓу ЦДУ-ЦСУ и СПД. Но, како што појаснува Мајер правилно би било доколку тука се најдат и Албанија и Црна Гора, со што ќе има јасна изјава дека во споменативе земји нема прогонување на граѓаните. Прашуваме: што ќе значи конкретно за барателите на азил оваа законска измена?
„Забрзаната постапка со претпоставката дека барателите на азил доаѓаат од земја каде нема прогонување на граѓаните, за германските власти ќе донесе олеснување во целата процедура. И тоа пред се во доказната постапка. Значи не ќе мора поединечно во секој конкретен случај да се докажува дека има или нема прогоување, туку процедурално ова само по себе ќе се подразбира (дека барателот на азил не е прогонуван во државата од каде потекнува н.з.). Со тоа постапката ќе се забрза. Дури и во случај да има жалба против одлуката со која е одбиено барањето за азил, целата процедура ќе треба да се спроведе за само една недела и важно е што жалбата нема да има за последица суспендирање на претходно донесената одлука“, објаснува Штефан Мајер.
Реакции на Левицата и Про азил
На иницијативата на сојузното МВР, Македонија и земјите од Западниот Балкан да се вклучат во категоријата „земји на сигурно потекло“ жестоко се спротивстави партијата на Левицата и организацијата Про азил. Ула Јелпке, гласноговорник за внатрешно-политички прашања на Левицата истакна дека плановите на сојузното МВР ќе ја зацементираат праксата на сојузната служба за азил - по брз постапка од Германија да се отстранат Ромите од Балканот кои бараат заштита.
„Класификацијата на Србија, Македонија и Босна и Херцеговина во земји на сигурно потекло е скандал. А сега и вклучувањето на Албанија и Црна Гора, иако нивното рангирање не беше предвидено во коалициониот договор“, појаснува Јелпке.
„Класификацијата на 'земјите на сигурно потекло' во основа е проблем. Уште во деведесттите Про азил се спротивстави на ваквата поделба на држави од прва, втора и третта класа, како што тогаш оваа материја беше законски регулирана. Од 2012 година Владата настојува листата на земји на сигурно потекло да ја прошири и теоретски земјите од Западниот Балкан можат и да се најдат во неа. Прашање е меѓутоа: што е сигурно потекло? Сојузниот уставен суд вели дека човековите права не треба да бидат само на хартија, туку треба вистински да се почитуваат. Правата на малцинствата исто така да бидат дел од секојдневието и не смее од наш аспект да има никакви политички прогонувања. Тоа се задачите кои ги предвидува Сојузниот уставен суд. Според нас, земјите од Балканот не се вистински земји на сигурно потекло“, коментира за ДВ Бернд Месовиќ, заменик раководител на организацијата Про Азил, според кого постапките на барателите на азил од Балканот и сега се одвиваат брзо, а луѓето пак доаѓаат! Вели има проблеми и не верува дека ќе бидат совладани доколку земјите се стават на некакви листи.
Што се однесува до Македонија, како дознаваме, власите од Скопје биле тие кои подолго барале од Германија земјата да ја категоризира во групата со „сигурно потекло“. Инаку, Македонија самата до сега преземала сѐ да ги сопре лажните азланти. Поради нив, како што е познато во прашање е доведена и визната либерализација. Унијата лани усвои и заштитен механизам кој на одделни земји членки на ЕУ им дава право привремено, во случај на зголемен притисок на азиланти, да ги активира и визите. Македонија ова не го сака, и до сега, како вели нашиот извор, против лажните азиланти се борела еднонасочно и самата. Во моментот кога во Германија ќе се најде во групата земји на безбедно потекло, тоа ќе значи дека половината од работата за сопирање на азилантите ќе биде завршена. Со ваквата категоризација значи дека 99,9 отсто од барателите ќе бидат без големи дискуии и процедури одбивани и за една седмица враќани дома. Слична ситуација пред неколку години имало и со Белгија. Но, по експресната посета на премиерот на Белгија на Скопје и вклучлувањето на Македонија во листата „земји на безбедно потекло“, постапката за азил се скусила на само 48 часа и реката азиланти - сопрела. Нешто слично се очекува да се случи и со Германија, така што сите оние кои сакаат да ги искористат погодностите на хуманата држава, двапати ќе размислат дали им се исплати со семејството да се тргнат на пат од илјадници километри и „подобриот живот“ во Германија да го вкусат за само седум дена?