Краишник: „Зошто пречек, јас сум сепак воен злосторник!“
31 август 2013Жртвите на злосторствата кои се направени во име на српскиот народ во Република Српска немаат разбирање за величењето на воените злосторници, па ниту за пречек каков што му беше направен во Пале на поранешниот висок функционер на Српската демократска партија (СДС) Момчило Краишник (30.08.2013).
„Република Српска не се создаде ниту со договор, ниту со политички компромис. Таа е создадена врз крвта на десетици илјади невино убиени, меѓу кои на 1.600 убиени деца во Сараево“, рече претседателот на Здружението на родители на убиените деца во Сараево, Фикрет Грабовица.
Претседателката на здружението „Мајките од Сребреница“ Хатиџа Мехмедовиќ смета дека целото општество би требо да биде загрижено поради пораката која ја испратија собраните во Пале, величејќи ги воените злосторници.
„Со такви пораки се поттикнуваат нови воени злосторства, нови геноциди“, рече Хатиџа Мехмедовиќ.
Пораките од Пале
Приврзаниците на Крајишник во Република Српска го слават враќањето на поранешниот претседател на Собранието на овој ентитет.
„Тој даде многу за Република Српска, а беше и во затвор за Република Српска. Многу наши луѓе се во затвор, а не заслужиле да бидат во затвор. Беше војна и едни со други се убивавме“, вели еден жител на Пале.
Краишник во Пале, заедно со српски знамиња и четнички обележја, го пречекаа повеќе илјади луѓе од Република Српска. Со пораки за добредојде до Краишник и слики од Радован Караџиќ можеа да се слушнат и песни кои најавуваат „нов пекол“ и четнички движења.
Претставникот на Хелсиншкиот парламент на граѓаните од Бања Лука, Александар Жоља, смета дека привременото ослободување на Крајишник од затворот може да има и позитивни ефекти.
„Нека видат граѓаните, пред се’ тие во Република Српска кои веруваат дека Хашкиот суд е политички, дека и овој суд работи според закони“, изјави Жоља за БХТ.
Политичарите за Краишник
Реакциите на политичарите се поделени. Претседателот на партијата за демократски прогрес (ПДП) Младен Иваниќ вели дека и други хашки осуденици имаа сличен пречек.
„Такво пречекување имаа и луѓето во Сараево и луѓето во Хрватска и не гледам зошто од дочекот на Пале би се правела посебна приказна“, рече Иваниќ.
„Краишник е осуден воен злосторник и не знам со што планира да се занимава сега кога е на слобода. Се надевам дека нема да се занимава со политика на начин на кој тоа некогаш го правеше“, вели претседателот на Сојузот за подобра иднина (СББ) на БиХ, Фахрудин Радончиќ.
Со пофални зборови за Република Српска и пораки дека таа треба да се чува, Момчило Краишник порача:
„Од сите на кои сме им направиле зло треба да побараме да ни простат. Не смееме да мразиме – треба да му подадеме рака на секој кој сака помирување“.
Краишник најави ревизија на процесот
Крајишник пристигна во Бања Лука со хеликоптер на Владата на Република Српска, каде и’ се обрати на јавноста за првпат.
„Не знам зошто е организиран пречек, кога јас сум сепак воен злосторник. Дури во постапка за ревизија требам да ја докажувам вистината“, рече Краишник.
Од неговите изјави не може да се насети дали тој е подготвен за враќање во политиката. Пред враќањето во БиХ тој рече дека има намера да работи на бензинска станица во сопствеништво на неговото семејство, како и дека сака да придонесе за помирувањето во БиХ. Откако одлежа две-третини од затворската казна во Велика Британија, Крајишник вчера (30.08.2013) беше пуштен на слобода. Тој е осуден за убиства, протерувања, истребувања, злосторство против човештвото, како и за учество во здружено злосторничко делување со цел трајно отстранување на Бошњаците и Хрватите на поширокото подрачје во босна и Херцеговина.