1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој му верува на новото раководно дуо на СПД?

Бетина Маркс20 октомври 2008

На Конгресот на викендот делегатите го избраа Франц Минтеферинг за нов претседател, а Франк Валтер Штајнмајер за кандидат за канцелар. Резултатите ги коментира Бетина Маркс.

https://p.dw.com/p/FdYy
Претседателот на партијата и главниот кандидат за иден канцелар, Минтеферинг (десно) и Штајнмајер на бината во БерлинФотографија: AP

Кога некој би го набљудувал само она што се случуваше на Конгресот на СПД во Берлин, би помислил дека партијата се движи кон повеќе или помалку сигурна победа на парламентарните избори наредната година. Водечкото дуо, старо-новиот претседател Франц Минтеферинг и кандидатот за иден канцелар Франк Валтер Штајнмајер, остави многу борбен и самоуверен впечаток. Обајцата инсистираа на воспоставување повторно единство во разбрануваната партија по борбите за моќ и за водечката улога во неа од изминативе месеци.

Секогаш кога социјалдемократската партија беше на власт, тогаш тоа беше добро за оваа земја - порача ново избраниот претседател Франц Минтеферинг. Штајнмајер пак не отиде толку длабоко во историјата на партијата, туку ги резимираше резултатите од последните 10 години, кога СПД е дел од владината коалиција. „Тоа се 10 години во кои ние го оспособивме повторно за пловидба издупчениот брод што ни го оставија во наследство христијанските демократи и либералите“ - оцени Штајнмајер.

Има ли подлога ваквата самоувереност?

Steinmeier ist Kanzlerkandidat der SPD
Ќе биде ли доволна неговата каризма за победа на следните парламентарни избори?Фотографија: AP

При тоа актуелниот вице канцелар и шеф на германската дипломатија си ги изми рацете и за актуелната финансиска криза ги обвини Американците и Британците. Не спомна ниту еден збор дека токму во времето на владеењето на Герхард Шредер, кој беше негов близок пријател и политички ментор, беа донесени законите што овозможија да се случи сегашната катастрофа на финансискирте пазари. Исто така не кажа ниту еден збор за тоа дека неговиот сопартиец на функцијата Министер за финансии Пеер Штајнбрик не презеде ништо за спречување на кризата, иако имаше многу индиции за нејзиното доаѓање.

Исто така многу е сомнително дали новиот двоец на челото на СПД навистина може да симболизира нов почеток. Минтеферинг беше до пред една година претседател на партијата, па се повлече поради тешката болест на сопругата. Но, неговото враќање на партискиот врв го одобрија само 85% од делегатите на конгресот, а затоа со долг аплауз го поздравија отсутниот досегашен шеф на партијата Курт Бек. И анкеттите на јавното мнение покажуваат дека граѓаните не се одушевени од доаѓањето на новото партиско раководство Минтеферинг - Штајнмајер. Партијата и понатаму има само 25% од гласовите на избирачите во анктетите.

Само кадровски промени нема да бидат доволни за победа

Значи, ако СПД сака навистина да има некакви шанси на парламентарните избори идната година, тогаш ќе мора да стори нешто повеќе отколку да донесе релативно нови личности на водечките функции. Неопходно е ново програмско позиционирање, со кое на граѓаните ќе им понуди вистинска алтернатива за сегашната политика на германската влада, во која СПД учествува како помал коалиционен партнер.