1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е новиот севернокорејски лидер-Ким Јонг Ун?

19 декември 2011

По смртта на долгогодишниот претседател на Северна Кореја, Ким Јонг Ил, функцијата ќе ја преземе неговиот син Ким Јонг Ун. Не се знае како тој е прифатен од елитата во земјата, војската и партијата.

https://p.dw.com/p/13VYd
Ким Јонг УнФотографија: dapd

Надвор од границите на Северна Кореја малку се знае за именуваниот син за негов наследник, Ким Јонг Ун. Се проценува дека е на возраст околу 30 години, дека посетувал швајцарско училиште и по малку говори германски, француски и англиски јазик. Тој се претставува како „пристапен и пријателски настроен“, истакнува Вернер Фениг, експерт за Северна Кореја на Слободниот универзитет во Берлин. „Ким Јонг Ун е личност, која ги помируваше учениците кои се караат, кој има познавања од странски јазици и ја сака кошарката. Меѓутоа, ова не се критериуми кои се релевантни за водење на една земја“. Не е познато на пример како Ким Јонг Ун е прифатен од елитата во земјата, од силите за безбедност или партискиот апарат.

Подготовки за промена на власта

Неопходно е да се подготви патот за „генерацијата што доаѓа“, нагласи неговиот татко Ким Јонг Ил при неговата последна посета на Кина. Заедно со син му есента мината година посетија историски места во Кина, кои ги посетил и таткото на Ким Јонг Ил, основачот на Северна Кореја и таканаречен „вечен претседател“, Ким Ил Сунг. Експертите претпоставуваат дека Ким Јонг Ил со тоа испратил знак за скорешна промена на власта татко - син за истата и да ја легитимира.

Tod von Kim Jong Il Nordkorea
Починатиот претседател на Северна Кореја Ким Јонг Ил (десно) со неговиот наследник Ким Јонг УнФотографија: dapd

Со тоа Ким Јонг Ун би го следел примерот на постариот Ким и на неговиот татко Ким Ил Сунг, вели Вернер Фениг: „Тогаш беше така: наследникот беше именуван, но стариот се’ уште беше на функција, и постепено се повлече од дневната политика“. Во овој случај временскиот простор беше покус - само по околу четиринаесет месеци настапи смртта на таткото, а државната севернокорејска новинска агенција КЦНА објави: „На кормилото на кореанската револуција стои Ким Јонг Ун, извонредниот водач на партијата, армијата и народот.“

Ким Јонг Ун - политички неискусен

Експертите сметаат дека на најстарите членови на партијата ќе им биде тешко да поддржуваат толку млад и политички, во голема мерка, неискусен наследник. Меѓутоа, како што е чест случај кај наследниците во династиите, најверојатно во прво време Ким ќе го советува група влијателни луѓе од власта.

Сепак, странските набљудувачи се надеваат дека Ким Јонг Ун, врз основа на неговото школување во странство, ќе покаже поголема подготвеност за меѓународна соработка, отколку татко му. „Со претстојната промена на власта, постои и надежта дека ќе се води прагматична политика“, појснува Вернер Фениг. „Дека ова ново раководство ќе може да увиди дека нормализиција на состојбата на кореанскиот полуостров е корисна за сите страни. Од тоа ќе профитира целиот регион“.

Автор: Ана Леман/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска