1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е најмоќниот човек на светот?

21 април 2011

Американскиот претседател Барак Обама даде интервју за интернет страницата „Фејсбук“. Во разговорот со основачот Марк Цукерберг, Обама ги претстави предностите на својот план за санирање на државниот буџет.

https://p.dw.com/p/111qX
Барак Обама-интервју на Фејсбук со Марк Цукерберг
Барак Обама-интервју на Фејсбук со Марк ЦукербергФотографија: AP

Во говорот, кој во живо беше пренесуван од седиштето на социјалната мрежа во Калифорнија, Обама настапи рутински, во живо одговарајќи на прашањата на интернет-корисниците од цел свет.

Марк Цукерберг, основачот на Фејсбук, имаше двојна функција, преку својот лаптоп ги пушташе пристигнатите прашања од корисниците на интернет, околу 8.500 и за време на интервјуто ги модерираше прашањата од режијата. Тој видливо нервозно го поздрави високиот гостин: „Многумина политичари го користат Фејсбук за директен контакт со граѓаните, јас сум малку возбуден, овде е претседателот на САД“.

Барак Обама во негов стил побара од домаќинот да се опушти. Она што следуваше, беше познатата изведба на Обама на клавијатурата на социјалните медиуми. Тој го може тоа и се чувствува одлично во улогата на интернет-претседател, кој виртуозно собира гласачи, поддржувачи и изборни финансиски средства преку сите модерни информациски канали. Обама зборуваше за буџетот.

Веб страницата на Белата куќа-директен пренос
Веб страницата на Белата куќа-директен преносФотографија: whitehouse.gov

Избалансирана добивка

На крајот на интервјуто на Обама, што траеше повеќе од еден час, Цукерберг на претседателот му подари маичка со натпис-Фејсбук. Обама застана со неа пред камерите - подобра реклама не постои. Пред интервјуто во живо, поранешниот менаџер на Фејсбук, Питер Сисли него го опиша како класична ситуација во која добивката е 50 со 50 проценти: на овој начин Обама директно стигнува до своите потенцијални гласачи, а Фејсбук добива огромен имиџ. Вистинското значење на настапот на Обама во седиштето на фирмата во Силиконската долина беше помалку во она што тој имаше да го каже за огромните државни долгови, но повеќе во важноста на самиот медиум. Со настапот на Обама на Фејсбук кај Марк Цукерберг, кој беше пренесуван низ цел свет, а директно и преку веб страницата на американската влада, Белата куќа го потврди глобално растечкото значење и влијанието на социјалните мрежи во и врз политиката.

Неодамнешна средба на Обама со „моќниците од Силиконската долина“, меѓу нив и Марк Цукерберг
Неодамнешна средба на Обама со моќниците од Силиконската долина, меѓу нив и Марк ЦукербергФотографија: picture alliance / dpa

Цукерберг може да биде задоволен, знаејќи дека една Фејсбук страница во голема мера придонесе за заминувањето на претседателот Хосни Мубарак во Египет, од која дојдоа повиците на масовни демонстрации на плоштадот Тахрир во Каиро на 25 јануари.

Поместување на тежиштето на моќта

Додека во некои други земји политичарите не ги користат многу можностите на модерните техники на комуникација, во САД информатичката технологија одамна е во служба на американските политичари. Толку многу, што се чини доаѓа и до поместување на односите на моќта. Во февруари беше објавена фотографија од средба на Барак Обама со највлијателните луѓе од областа на интернетот. На неа Обама беше фотографиран со Марк Цукерберг. Еден интернет-корисник под неа напишал коментар: „Мора да е возбудливо да се биде до најмоќниот човек на Земјата. Кој знае како се чувствувал Барак Обама“?

Автор: Габриел Гонзалес/ Жана Ацеска

Редактор: Горан Чутаноски