Кој ги диктира условите во Копенхаген?
16 декември 2009Малите островски држави, земјите во развој и државите во економски подем кои се во Групата 77 но и најсиромашните земји во светот настапуваат на самитот за климата со сосема нова самодоверба. Принципот е една земја, еден глас и за многу земји во развој на разговорите во Копенхаген станува збор за преживување, односно не станува збор само за доброволни донации од богатите земји туку за обврзувачки ветувања за финансирање на борбата против климатските промени.
Тилман Санториус од германската фондација „Хајнрих Бел“ го набљудува овој феномен веќе неколку години: „Во последните две години преговорите за климата покажаа дека на секоја нова конференција земјите во развој настапуваат посамоуверано. Тоа се големи промени во однос на порано, пред се’ во конструктивен поглед. Порано повеќето од нив главно блокираа, сега меѓутоа се заинтересирани да се постигне разумен договор.“
Новите пробеми не се решаваат со стари одговори
Разумен договор за земјите во развој пред се’ значи обврзувачки договор. Мора да има конвенција за климата и за животната средина, слична како конвенцијата на ОН за човековите права, смета Сорон Ромеро Ороча, амбасадор на Боливија во Светската организација: „Ние работиме во насока на општа декларација, зашто сметаме дека во овој нов век мораме да започнеме да го менуваме нашиот однос кон природата. Во основа мораме да признаеме дека не само луѓето, туку и природата мајката земја има права, кои мораме да ги почитуваме.“
Боливија припаѓа кон земјите кои од преговорите за климата не очекува едноставно само бројки туку дека ќе биде иницирана промена на глобалното размислување. Бројките за намалени емисии на јаглерод-диоксид и бројките за финансиска помош за мерките за борба против климатските промени не се доволни. Промената на климата не е технички проблем, кој може да се реши со бројки, туку структурен проблем, кој задира многу подлабоко. Како што веќе рекол Ајнштајн: Новите проблеми не можат да се решаваат со стари одговори, и затоа ни е потребно повеќе истакнува Ороча: „За да можеме да ги решиме овие проблеми, потребни ни се нови меѓународни законски рамки, кои ќе се однесуваат не само на човековите туку и на правата на природата. Мораме да најдеме нова рамнотежа.“
Цврсти обврзувачки ветувања
Со вакви ставови многу земји во развој и држави во економски подем настапуваат на разговорите во Копенхаген, сосема свесни дека со оглед на историската одговорност на богатите индустриски земји, можат морално да се чуствуваат во право. И истовремено сосема свесни дека без нив промената на климата не може да се спречи. Поради тоа индустриски развиените земји мораат и поради сопствен интерес да дадат обврзувачки ветувања, истакнува Јан Ковалчик, задолжен за климата во германската организација „Оксфам“. „Тоа тогаш не е прашање за развојна помош, туку тука станува збор за глобална распределба на товарот. И Кина истотака сигнализираше подготвеност дека ако технолошки биде потпомогната ќе го стори неопходното. Само што не сметаме, велат Кинезите, дека нашиот развој и борбата против сиромаштијата треба да бидат закочени, само затоа што цели 200 години индустриските земји ја уништувале климата.“
Цврсти обврзувачки ветувања, бараат земјите од Г77 и Кина, малите островски земји и најсиромашните земји на овој самит за климата во Копенхаген. Конечно токму тие веќе денес ја плаќаат цената на промената на климата, а и во иднина ќе бидат најтешко погодени од климатските промени.
Автор: Хеле Јепесен/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска