1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој во БиХ се плаши од НАТО?

Самир Хусеиновиќ / Е. М. Фиданоска7 февруари 2013

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен е во посета на Босна и Херцеговина. По средбите со членовите на Претседателството на БиХ тој побара да се најде решение на прашањето на неподвижен воен имот.

https://p.dw.com/p/17a9T
Фотографија: Reuters

Аналитичарите во БиХ сметаат дека на влез на земјата во НАТО се противат оние кои не сакаат стабилна и функционална држава. Затоа и се одбива книжење на воениот имот на државата, што е услов за активирање на Акциониот план за членство во НАТО (МАП).

За МАП да биде активиран е потребно на државата БиХ да се вкнижат 63 локации на недвижен воен имот. Тие локации ги дефинираше Министерството за одбрана, а ги потврди Претседателството на БиХ, вели министерот за одбрана на БиХ Зекеријах Осмиќ.

„Со исполнувањето на овој услов, а мислам дека тоа ќе се случи наскоро, од НАТО ќе добиеме зелено светло за почеток на наш Акционен план за членство“, вели Осмиќ.

Ползата од влез во НАТО, според министерот за одбрана, е многукратна и не се однесува само на безбедносни прашања. „Искуствата на сите земји во транзиција зборуваат дека по влез во НАТО тие имале забрзан раст на инвестиции и економија“, нагласува Осмиќ.

Отпори во Република Српска

Предностите од влез во НАТО се очигледни, но и покрај тоа има отпори, посебно во Република Српска (РС). Претседавачот на парламентарната комисија за одбрана и безбедност Душанка Мајкиќ смета дека нема политичка волја за таа работа да се заврши. „Тие (НАТО) веројатно ќе бараат прашањето на воениот имот да се одвои од останатиот имот, а ставот на РС е тоа да не се одвојува, затоа што се нема доверба дека другиот дел некогаш би се решил“, вели Мајкиќ.

Symbolbild Bosnien Herzegowina und NATO
БиХ мора да го реши прашањето со недвижен воен имот, кој треба да се вкнижи како државен

Професорот по одбрана и безбедност Неџад Ахатовиќ вели дека влезот на БиХ во НАТО би „отворил перспектива за воспоставување трајна стабилизација на Западен Балкан“. Според Ахатовиќ, „БиХ би морала исто така да биде реформирана во политички смисол, за нејзиниот уставно-правен поредок да се прилагоди на европските стандарди кои се обврзувачки за сите земји членки на НАТО“.

Само функционална БиХ може во НАТО

За Ахатовиќ тоа е клучна причина што политичарите од РС се‘ уште се противат на книжење на локациите на недвижен воен имот.

„НАТО не познава ентитет, регион или покраина како партнер, ниту би дозволил ентитет, регион или покраина на која било земја членка да спроведува самостојно безбедносна политика, надвор од онаа утврдена на сојузно ниво“, нагласува Ахатовиќ.

Министерот за одбрана на БиХ Зекеријах Осмиќ потсетува дека БиХ во своите законски решенија се определила за влез во НАТО, па од оваа земја се очекува трансформација во институционална и политичка смисла.

Таква трансформација, како што тврдат аналитичарите, би требало од БиХ да создаде функционална држава, способна првенствено да се грижи за сопствената безбедност, а потоа, како полноправна членка на НАТО и за безбедноста на други.