1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и Советот на Европа – оддалечување од договорот?

Милица Андриќ-Ракиќ
13 мај 2022

Косово поднесе барање за членство во Советот на Европа, што предизвика големо незадоволство во Србија.Тоа може да донесе нови проблеми во дијалогот, но и на жителите на Косово да им донесе поголема правна сигурност.

https://p.dw.com/p/4BFcg
Frankreich, Strasbourg | Parlamentarischen Versammlung des Europarates
Фотографија: Dominique Boutin/Sputnik/picture alliance

По децениите преговори со Србија, кои наспроти очекувањата, на Косово му донесоа повеќе повлекувања отколку нови признавања, двете страни во септември 2020 година во Белата куќа кај  тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп,  меѓу другото потпишаа еден параграф за едногодишен мораториум на барање членство во меѓународни организации, односно на кампањата за повлекување на признавања. Потоа, на годишнината од потпишувањето на т.н. Вашингтонски договор, а по истекот на мораториумот, Стејт департментот ги повика двете страни да „продолжат со мораториумот по прашањето на признавањето кое ги компликува напредоците во техничките области.“

Сега министерката за надворешни работи на Косово Доника Гервала Шварц поднесе апликација на Косово за членство во Советот на Европа. 

Косово има добри шанси

Потпретседателот на приштинскиот Совет за инклузивно управување, Шпетим Гаши, оценува дека Косово има добри шанси за прием во Советот на Европа, „посебно ако гласаат сите земји кои го признаваат Косово, како и оние кои не го признаваат, но извесно време испраѓаат сигнали за соработка, како Грција.“ За прием во Советот на Европа е потребно двотретинско мнозинство во Комитетот на министрите на организацијата. Гаши вели дека Косово е охрабрено од излегувањето на Русија од Советот на Европа, но апликацијата е поднесена и под притисок на јавноста.

Токму министерката за надворешни работи Гервала Шварц е честа мета на критики на косовските медиуми поради надворешнополитички гафови, додека премиерот  Албин Курти  е под стрелба поради изостанување на состанок со официјални лица од Стејт департмент во текот на неговата актуелна посета на САД.

Kosovo | Donika Gervalla
Косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала ШварцФотографија: Office of the Minister of Kosovo Foreign Affairs

Ограничени можности на Србија

Од друга страна, по косовската апликација, српскиот претседател  Александар Вучиќ  најави состанок на Советот за национална безбедност, обвинувајќи го Косово за кршење на Вашингтонскиот договор и Резолуцијата на Советот за безбедност 1244.

Гаши очекува дека  Србија  ќе мора да одговори на потегот на Косово, зашто „двете страни играат игра нулта сума, во која ако еден добива, другиот губи.“ Како и во случајот со Косово, и во Србија најголемиот притисок ќе дојде од јавноста.

„Најочигледен одговор би било активирање на потенцијалните повлекувања на независноста, но мислам дека тој список на земји е краток, односно е главно исцрпен. Сепак, Србија мора тоа да го направи под притисок од јвноста“, вели Гаши. Тоа што можностите на Србија да реагира со повлекувања на признавањата на независноста се ограничени, го констатира и програмската менаџерка во Европскиот фонд за Балкан, Катарина Тадиќ, поради „фактот што блискоста на Србија со Русија и неусогласувањето со санкциите на ЕУ донесле штета на меѓународниот углед на земјата.“

А ако сепак дојде до продолжување на кампањата за отпризнавање на Косово, тоа би значело чекор на уназадување во односите меѓу  Белград и Приштина,  „би ги подигнало тензиите и би најавило оддалечување од нормализација на односите, а со тоа и на шансите за скоро постигнување договор," смета Тадиќ.  Таа подвлекува уште еден можен начин кој би водел кон наштетување за нормализирање на односите: „Членство на Косово во Советот на Европа жителите на Србија уште повеќе би ги одвратило од Запад и на одреден начин би го намалило просторот за идни компромиси на Белград.“ Меѓутоа, власта во Србија има контрола над тоа како јавноста би прифатила евентуално членство на Косово во Советот на Европа, додава Тадиќ, но и изнесува сомнение дека тие од „претставниците на власта во Белград всушност ќе чујат дека членството на Косово во Советот на Европа фактички донесло поголема заштита на правата на косовските Срби и другите малцинства, зашто би можеле да се обраќаат до Европскиот суд за човекови права, што сега не е случај.“

Brüssel Treffen Vucic und Kurti mit EU Chefdiplomat Josep Borrell
Состанок на Албин Курти и Александар Вучиќ со посредство на Жозеп Борел , јуни 2020 во БриселФотографија: Bahri Cani/DW

Подобра правна сигурност

Токму пристапот до Европскиот суд за човекови права е она што експертите почнаа да го изнесуваат како позитивен исход од можно членство на Косово во Советот на Европа за сите косовски жители.

„Од аспект на правнатa сигурност на граѓаните, евентуален прием на Косово во Советот на Европа би имал големо значење. Состојбата во косовското правосудство е лоша, правна сигурност во некои сегменти речиси не постои. Кога тоа го велам, пред сѐ мислам на судења на не-Албанците за воени злосторства. Во тој дел имаме вистинска инквизиција“, вели за Дојче веле митровачкиот адвокат Љубомир Пантовиќ. Од негово досегашно работно искуство, пристапот до Европскиот суд за човекови права на граѓаните би им пружил заштита на правата која досега ја немаа.

Слично мисlење има и белградскиот адвокат Михаило Павловиќ, кој го истакнува и следното:

„Евопскиот суд за човекови права ја ограничува супер-моќта на државите и судовите да прават што сакаат“.

Во секој случај, исходот од овој „најголем исчекор на косовската надворешна политика во последната година“ нема да биде познат барем уште една година, односно до следниот мај, кога повторно треба да се состане Комитетот на министри на Советот на Европа.