1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и „лажните борци“

ЖА /ДВ
1 ноември 2018

Тешката ситуација во која се наоѓа Косово и претстојната посета на австрискиот канцелар Себастијан Курц на Белград и на Приштина се теми во австрискиот и швајцарскиот печат.

https://p.dw.com/p/37VZ1
Kosovo 10 Jahre Unabhängigkeit
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Швајцарскиот дневен весник Бунд објавува текст за Косово, кое според „Светскиот извештај за среќа“, еден вид барометар за среќата и грижите, се наоѓа на „66. место, опкружено со упориштата на среќата како што се Либија, Туркменистан или Молдавија.“

„Во споредба со Швајцарија“, која е на петто место, пишува новинарот Енвер Робели,  „Косово  е лудница, пред сѐ за новинарите. Тие едвај стигнуваат да ги проследат скандалите, корупциските афери, злоупотребите на власта и останатите недела на политичарите и нивните роднини. Еве, сега братот на претседателот со тупаници изудирал двајца соговорници. Хашим Тачи, како што се вика шефот на државата, побрза да каже дека станувало збор за 'спорадично кошкање'. Малку претходно, полицајците во еден автомобил нашле оружје и дрога, која се смета дека припаѓа на синот на шефот на тајната служба. Правосудството сега прави сѐ за да го пронајде осомничениот. За разлика од Швајцарија, каде синот на еден пратеник удри со автомобил во куќен ѕид, но напразно се обидуваше да ја исклучи јавноста од судењето.“

„За време на вооружениот отпор кон српската државна сила, Косово немаше повеќе од 12.000 бунтовници. Сега безмалку секој во малата балканска република сака да биде голем калашников-херој, во тоа успеаја околу 40.000 лица: добиваат пензија за своите наводни 'заслуги за слободата и татковината'. Меѓу нив има и личности кои, според пишувањата на косовските медиуми, на крајот на 1990-те години уште биле во пелени... Зад чудесното размножување на 'лажни борци' се крие систем: оној кој добива државна пензија, на избори гласа за партиите кои му ја овозможиле, значи партиите на шефот на државата Тачи или премиерот Рамуш Харадинај, кои кон крајот на 1990-те му свртеа грб на 'малиот швајцарски рај' и заминаа во војна.“

„Многумина Косовци удобно се сместија во тој корумпиран клиентелистички систем. Но, политичарите мораат постојано да ја негуваат мрежата на патронажа и услуги, врски, непотизам и поткупување, за да останат на власт. Така косовските политичари постојано изненадуваат со остроумни идеи. Во сегашната влада во Приштина има на пример 80 заменици-министри. Можеби и некој повеќе, ни самиот шеф на владата не е во состојба да каже колку луѓе работат во неговиот кабинет“, пишува меѓу другото Бунд.

Курц: ЕУ ќе биде целосна кога ќе се приклучат и земјите од Западен Балкан

Австрискиот дневен весник Тиролер тагесцајтунг пишува за претстојната посета на канцеларот Себастијан Курц на Србија и Косово: „Покрај билатералните теми при посетата во Србија и во Косово ќе доминира нивниот меѓусебен конфликт и приближувањето кон ЕУ.“  Во текстот пишува дека Курц в понеделник прво ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, а вечерта во Приштина ќе се сретне со претседателот Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај.“

Deutschland Erfurt Jahresempfang CDU Thüringen - Sebastian Kurz
Австрискиот канцелар се залага за прием на Западен Балкан во ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

„Своето патување Курц го објаснува како јасен знак на поддршка кон земјите од Западен Балкан и процесот на нивно доближување до ЕУ, како што се вели во канцеларскиот кабинет, а притоа канцеларот ќе ги охрабри Белград и Приштина да го продолжат дијалогот.“ Курц истакнува дека тоа е услов за членство во ЕУ. „ЕУ ќе биде целосна кога ќе се приклучат и земјите од Западен Балкан“, вели Курц.

„Дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина од септември е замрзнат. Надежите за напредок во макотрпните преговори се изјаловија. Вучиќ ја откажа средбата со Тачи во Брисел, а нов датум за продолжение на преговорите нема“, потсетува весникот.