Косово - Албанија за само три часа
3 јуни 2009Тунелот кај Калимаш, што премиерите на Албанија и Косово го пуштија минатиот викенд, е дел од трасата Драч-Кукс-Приштина, што треба да го олесни превозот на луѓе, стоки и услуги. Аналитичарот Миден Кељменди оценува дека изградбата на автопатот меѓу Косово и Албанија претставува симболично уривање на бариерите меѓу Албанците во двете држави:
„Тоа е од големо значење за нормална комуникација на овие простори и за нормална комуникација меѓу самите Албанци, затоа што тоа конечно не само што ќе ги урне бариерите, туку и стереотипите и сето она што се појави на овие овие простори во изминативе децении. Затоа, верувам дека изградбата на автопатот, поврзаноста на овие простори, ќе им биде од корист не само на Албанците, туку и на целиот регион“, вели Кељменди.
Поврзувањето мора да се гледа од позитивен аспект
Истовремено, Кељменди вели дека на поврзаноста меѓу Косово и Албанија преку новиот автопат треба да се гледа од позитивен аспект, односно никако не смее да се доведува во врска со идеите за големи држави.
„Ова никако не смее да се поврзува со некои стари идеи за поврзаност, или за почеток на реализацијата на идеите за Голема Албанија. Сметам дека нормализирањето на комуникацијата на овие простори ќе придонесе за тоа луѓето конечно да видат дека живеат во две сосема различни реалности, дека Косово и Албанија денеска се две независни држави, кои претендираат за членство во НАТО и ЕУ.“
И Рада Трајковиќ, потпретседател на Српското национално собрание на Косово, смета дека автопатот Албанија - Косово претставува големо европско достигнување, во смисла на слободно движење, што би требало да се прошири и подалеку од Мердар.
„Секаде во светот има заедници што сакаат и имаат природна потреба да контактираат со припадниците на својата нација. Во таа смисла, мислам дека би било многу добро решение просторите на Косово и Метохија да бидат бесцаринска зона,“ вели Трајковиќ.
Градежните работи на косовска страна до местото Мердаре би требало да почнат во текот на оваа година.
Автор: Зулфија Јакупи / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска