200112 Albanien Korruption
21 јануари 2012Еден на најспектакуларните процеси против висок по ранг албански политичар на почетокот на неделава (16.01) заврши со ослободителна пресуда. Точно пред една година во медиумите беше објавена видео-снимка, во која можеше да се види, како тогашниот заменик премиер Илир Мета со поранешниот министер за енергија разговара за манипулација на јавен тендер за изградба на хидроцентрала. Случајот Мета тогаш дигна голема прашина. На протестите против корупцијата пред една година (21.01.11) животот го загубија четири лица. До денес никој не е повикан на одговорност, а истрагата се’уште трае.
„Албанците притоа ја доживеаја својата држава како болен непотистички систем и повеќе немаат нималку доверба, дека ќе се делува според постоечките закони“, вели добриот познавач на Балканот и новинар Норберт Мапес Нидек во разговор за ДВ. Тој смета дека оваа пресуда во Албанија би можела да биде прифатена како скандал и дека постојат стравување дака нема да остане без одек.
Мета поднесе оставка поради притисокот на јавноста
Денес 43 годишниот Илир Мета се смета за амбивалентна личност на албанската полтичка сцена. На крајот на 90-тите години со 30 години беше премиер на земјата, а подоцна и министер за надворешни работи, заменик премиер и министер за економија. Шеф е на партијата Социјалистичко движење за интеграција, групација одделена од Социјалистичката партија, која денеска е трета по големина политичка сила во Албанија и дел од сегашната владејачка коалиција под раководство на Демократската партија.
По објавувањето на видеото снимено од еден од неговите најблиски соработници се зголеми политичкиот и јавниот притисок врз Мета. Како последица тој се повлече од сите функции во владата по што во мај 2011-та година почна судската постапка. Државното обвинителство бараше две години казна затвор и парична казна. Откако судот го прогласи за невин, Мета на прес-конференција истиот ден пресудата ја коментираше како „победа на правната држава над корупцијата и организираниот криминал“.
Процесите за корупција се запираат или одлагаат
Ваквото поставување е дрско, смета новинарот Мапес Нидек и заклучува дека во Албанија недостасува неутрална инстанца и во судскиот систем. „Прашањето во процесот беше, дали тајно снимено видео од поранешниот министер за економија било легитимно. Прашањето зошто двајца министри, две водечки личности во албанската политика воопшто се среќаваат да преговараат за налози, воопшто не доаѓа во преден план“, критикува Мапес Нидек.
Политички рехабилитација на Мета во владата по ослободителната пресуда повеќе не се исклучува. Процесот за корупција заврши, но многу прашања остануваат отворени. Досега ниеден висок по ранг политичар не бил осуден поради корупција. Процесите се прекинуваат или поради недостиг на доказен материјал или постојано се одлагаат.
Критичарите во Албанија зборуваат за една „Култура на неказнување“. За корупција во Албанија зборува и последниот извештај на Транспаренси интернешнл. Според индексот на перцепција на корпуцијата Албанија во 2011-та година беше на 95 место од вкупно 183 земји, што е влошување за осум места во однос на претходната година.
Автор: Вилма Филај Балвора/ Александра Трајковска
Редактор: Жана Ацеска