1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупциски скандал во австрискиот Телеком

1 септември 2011

Австрискиот парламент ќе одржи специјална седница за да се дебатира за она што стана познато како „Телеком афера“. Сомневањата се дека биле проневерени милиони евра

https://p.dw.com/p/12RXe
Лобистите добивале милионски суми на евра, што потоа ги префрлале на сметки на менаџерите во австрискиот телеком и на политичките партииФотографија: Daniel Kühne/Fotolia

Постојат обвинувања дека комуникациската компанија, што е делумно во државна сопственост, платила милиони евра на лобисти, кои подоцна ги трансферирале парите кај членови на бордот на директори и политички партии. Кругот што ги опфаќа оние што се под истрага се шири и сега веќе вклучува и поранешен заменик-канцелар.

Скандалот најпрво излезе на виделина преку внатрешна истрага, побарана од сегашниот борд на менаџери на Телеком Австрија. Така се откри дека во 2004-та година цената на акциите на компанијата најверојатно била манипулирана. Менаџерите на повисоки позиции во тоа време наводно направиле милиони и сега се под истрага.

Милиони евра за лобисти што префрлале пари на приватни сметки


Така, во Австрија се појавува еден од најголемите финансиски скандали во минатата деценија, а од Телеком Австрија велат дека милиони евра биле платени на лобисти, без некаква препознатлива услуга за возврат. Сомневањата се дека парите биле искористени за обезбедување мито за политичарите или за уплати во партиските фондови.

Frau in Büro arbeitet am Computer und telefoniert
Скандалот е откриен по внатрешната ревизија направена по барање на ТелекомотФотографија: Fotolia/Monkey Business

Поранешниот заменик канцелар и министер за транспорт, Хуберт Горбах е еден од неколкуте водечки личности, кои се во центарот на вниманието. Професорката по кривично право, Сузане Рајндл Краускопф вели дека уште многу ќе излегува на виделина.

„Секако дека не знаеме што уште ќе биде откриено, па затоа не би сакала сега да го нарекувам ’најголем скандал на деценијата’, но она што можеме да го кажеме од начинот на кој се шири, тој ќе биде меѓу најголемите во скорешната криминална историја“, вели оваа професорка по кривично право.

Телеком Австрија не може да сфати зошто се плаќани милиони евра

Лобистите што ги собрале милионите беа и претходно присутни во медиумите. Петер Хохегер присвои се уште необјаснети милиони за својата вклученост во приватизацијата на државната сопственост. Од Телеком Австрија велат дека му платиле 25 милиони, но не можат да сфатат што направил тој за да заработи барем 9 милиони од таа сума. Има сомневања дека лобистот Алфонс Менсдорф Поуили добил 3,4 милиони евра во 2004-та година, и повторно за услуга што не може да се воочи.

Fotolia 15811587 Telephone Game Copryright: Andras David-Korodi
Во мрежата на трансфери на пари од Телекомот се вплеткани речиси сите партии во АвстријаФотографија: Fotolia/Andras David-Korodi

28% од компанијата се се' уште во државна сопственост и во неа се вработени 16 000 луѓе. Затоа, нема изненадување што со враќањето на политичарите од одмор, аферата доминира во политичката агенда. Социјалдемократите на канцеларот Вернер Фајман засега не се вклучени во овој скандал.

„Мора да се направи се’, за да се потврди кој е вклучен, иако знаеме дека се тие. Како канцелар нема да направам некоја рефлексна реакција и наместо тоа, повеќе ќе му верувам на судскиот систем, за да работи во насока на целосно разјаснување на случајот’, вели канцеларот Фајман.

Одговорност се бара во сите партии

Но, коалицискиот партнер на господинот Фајман, конзервативната Народна партија е на огнената линија. Најголемите сомневања за корупција се случиле кога таа партија беше на власт, во периодот меѓу 2000-та и 2007-ма година со Волфганг Шисел како канцелар. Најголем дел од споменатите личности сега се надвор од политиката, но партијата е загрижена за својот имиџ. Министерката за финансии од Народната партија, Марија Фектер бара вината да се прошири и на други партии.

„Она што се случило во минатото мора да се разјасни. Според моите информации, сите партии се вклучени“, вели министерката Фектер.

Паралелно со одвивањето на кривичната истрага ќе има и специјална седница на парламентот, побарана од опозиционите партии, на која ќе се дебатира аферата Телеком. Тогаш, според најголем дел од аналитичарите, ќе се формира парламентарна комисија за истражување на случајот.

Автор: Кери Скајринг/ Александар Методијев

Редактор: Борис Георгиевски