1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирусот, медиумите и кредибилитетот

Мартин Муно
20 април 2020

Од каде всушност знаеме за коронавирусот? Од медиумите и од она што се зборува. И кому можеме да му веруваме? Добро е што во вакви опасни времиња има доверливи извори на информации, смета Мартин Муно.

https://p.dw.com/p/3b9hZ
Symbolbild Medien
Фотографија: bloomua - Fotolia.com

И по повеќе недели откако нормалниот живот ненадејно застана, чувството кое не’ обзема е сѐ уште некако чудно. Особено во денови во кои европската пролет со мирисот на расцутени цвеќиња и цвркотот на птиците наоколу стои во чуден контраст со невидливата, а сепак присутна закана која не’ опкружува.

Има нешта кои не може да се доживеат директно со сетилата. Тоа важи за климатските промени, за нуклеарното зрачење, а сега и за една пандемија. Овие нешта може да се пренесат само преку комуникација, тоа го знаеше уште социологот Никлас Луман.

Од медиумите ги црпиме и нашите сознанија околу коронавирусот. Дека нешто комплетно го менува нашиот живот од ден на ден, дека милиони луѓе стануваат невработени, стотици илјади се заболени, а илјадници умираат – и сето ова се случува далеку од нашиот видокруг, освен ако не сме директно засегнати. Наместо тоа, седиме дома и гледаме слики од празни улици и луѓе со маски. Сензуалното искуство се храни само преку одење во супермаркет.

Со каков став се соочувам со заканата?

Kommentarbild Muno Martin
Мартин Муно

Поради оваа причина медиумите добиваат огромна важност. Не само, поради тоа што не’ информираат за актуелните бројки и за тоа какви ограничувања им наметнуваат владите на своите граѓани. Се работи за многу повеќе: од она што го филтрираме од овие извештаи, како и од разговорите со нашите пријатели и соседи, и секако нашата лична ситуација, го оформуваме нашиот пристап кон пандемијата. Реагираме со страв, панично или безгрижно? Дали сме депресивни или имаме надеж дека ќе се справиме со ситуацијата? Или да го парафразирам Рене Декарт: читам вести за корона, значи постојам!

Поради тоа речиси и не е изненадување што драстично се зголеми следењето на медиумите. Медиуми како Дојче Веле регистрираат рекордни бројки на посетеност на своите онлајн понуди. Дури и гледањето телевизиски емисии во живо доживува ренесанса. Но, можеме ли секогаш да бидеме сигурни дека нема да наседнеме на дезинформации?

Лажни вести, како на пример онаа дека јадењето лук штити од инфекцијата, беше неколку милиони пати пренесена преку социјалните медиуми, што , така да се каже, вирална репродукција на опасна небулоза, која во најлош случај може да чини човечки живот. Фејсбук и другите платформи, рака на срце, како никогаш досега се трудат да го ограничат ова. Но, проверувачите на факти не можат да контролираат најголем дел од лажните вести.

Ренесанса на традиционалните медиуми

Во оваа ситуација многумина се потпираат на традиционалните медиуми. Во заклучоците од една неодамна објавена студија на Ројтерс, спроведена врз испитаници во Аргентина, Германија, Јужна Кореја, Шпанија, Велика Британија и САД, стои дека традиционалните медиуми имаат значително поголем кредибилитет отколку социјалните медиуми. Но, истовремено, луѓето со понизок степен на образование ги користат многу помалку и повеќе се информираат преку социјалните медиуми и Месинџер. Според студијата, експерти и претставници на здравствените власти уживаат многу голема доверба дури и повеќе од традиционалните медиуми. Но, како тие допираат до населението? Токму така - преку медиумите.

Овие сознанија се уште поголем притисок врз нас, новинарите, за поголема одговорност: мораме да ги филтрираме релевантните и вистински информации за нашите вести. Мораме од понекогаш контрадикторните информации кои ни ги даваат виролозите, економистите и самопрогласените експерти, да го исчистиме „плевелот од пченицата“. И конечно, сето тоа мораме да го спакуваме да биде разбирливо и атрактивно. Тоа секако ни е работа и во нормални времиња. Но, разликата е во тоа што сега прекумерниот обем на информации треба да се преработи со намален персонал, од кој најголем дел не е заедно во канцеларија, туку работи од дома. Исто така, голем број медиуми имаат и сериозни финансиски проблеми, бидејќи нивниот приход од рекламите опаѓа поради кризата. Покрај тоа, многу статии и видеостории за вирусот, кои инаку би се наплатувале, поради кризата се достапни бесплатно – поради што и овој приход недостасува.

Така доживуваме една ситуација, во која понудата на слободните медиуми и во демократски држави од една страна е важна како никогаш до сега. Истовремено, многу традиционални медумски куќи се борат за преживување. Но сите ние можеме да придонесеме со тоа што би плаќале за медиумските сервиси кои ги користиме. Поголемиот дел од квалитетните медиуми вредат за цената.