1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канцеларката ја презема командата?

Кај-Александер Шолц
30 март 2021

Ангела Меркел смета дека германските покраини недоволно строго ги спроведуваат мерките против пандемијата. Затоа се споменува можност за промена на законот за заштита од заразни болести.

https://p.dw.com/p/3rNvX
Bundeskanzlerin Angela Merkel zu Gast bei Anne Will
Фотографија: Wolfgang Borrs/NDR/dpa/picture alliance

Сојузната држава и покраините заедно- тоа досега беше означувано како девиза во борбата против коронавирусот во Германија. Тоа значеше дека канцеларката Меркел има средба со премиерите на сите 16 покраини, договараат што да се работи, па покраините помалку или повеќе се придржуваат до договорот.

Но, тоа не одеше како подмачкано. И денес мерките ширум Германија се многу различни, некаде училиштата се отворени, некаде не се, некаде смее да се оди во бутиците, а на друго место не. Откако на почетокот на март беше договорено постепено попуштање на мерките, но тогаш бројот на новозаразени се покачи, делува дека мерките ширум Германија се сѐ пошаренолики.

Во неделата вечер, во ударен термин, канцеларката во емисијата на познатата новинарка Ане Вил почна да им се заканува на покраините. Ако не го спроведат договореното, Меркел и нејзината Влада би можеле сами да ги преземат уздите.

Bundeskanzlerin Angela Merkel zu Gast bei Anne Will
Фотографија: Wolfgang Borrs/NDR/dpa/picture alliance

Одговор на премиерот

За волја на вистината, за тоа треба да биде променет Законот за заштита од заразни болести кој го спроведуваат покраините. Со него сега не е конкретно регулирано кои мерки кога треба да се воведат. За промена на овој закон би била потребна согласност на Бундестагот, но и на Бундесратот, горниот дом на германскиот парламент во кој се застапени покраините.

Повеќе:

-Меркел најавува построги ковид-рестрикции наместо отворање

-Меркел: „Се гледа светлина на крајот од тунелот“

-Без строг локдаун за Велигден - владата на Меркел во слободен пад

Досега се одеше на полабав закон, за политичарите да можат да донесат пофлексибилни одлуки. Но, според законот, и Сојузната држава смее да донесе „мерки против преносливи болести опасни по јавното здравје“. Бундесратот би морал да биде вклучен во мерка во која тоа ја погодува на пример образовната политика, која е во надлежност на покраините.

Германија соочена со трет бран коронавирус

Армин Лашет, премиерот на најнаселената покраина Северна Рајна-Вестфалија, како да се почувствува погоден од критиката на канцеларката. Од неодамна токму Лашет е нејзин партиски шеф во партијата ЦДУ. На конференција за новинари во понеделникот тој контрираше, велејќи дека неговата покраина ги извршува „домашните задачи“, и оти зборува во име и на Сарската област и на Шлезвиг-Холштајн, во кои, исто така, владее ЦДУ. Ширум земјата има обиди, со употреба на брзи тестови, да се овозможи работата на рестораните и на бутиците. Во Сарската област од наредната недела треба се отворат и фитнес клубовите и кината, иако бројот на заразени расте.

Покраините со контра-критика за набавката на вакцини

Меркел од почетокот со скепса гледаше на попуштање на мерките. На последниот состанок со премиерите бараше најтврд можен локдаун за време на велигденските празници. Лашет, пак, ја бранеше поблагата политика. Тој прашува за што служат 6.000 центри за тестирање во неговата покраина ако луѓето немаат мотив да се тестираат? А одењето на шопинг или во ресторан можеби би можело да биде мотив. Покрај тоа, вели Лашет, така би се откриле повеќе заразени и полесно ќе се прекинат синџирите на инфекција. Тој не е единствениот на кого не му се допаѓа критиката на канцеларката.

Цела година во комплетна изолација

Од Сарската област велат дека попуштањето на мерките не е експеримент туку начин да се откријат заразите. Од другите покраини потсетуваат дека официјален Берлин не бил ефективен во набавката на вакцини, што е во надлежност на сојузната држава. Од друга стана, баварскиот премиер Маркус Зедер (ЦСУ), инаку конкурент на Лашет за канцеларската кандидатура, ја поддржа Меркел. Истото го сторија и од покраините Саксонија, Бремен и од Хамбург.

Партијата на Зелените го поддржа предлогот сојузната влада да добие повеќе надлежности во борбата против пандемијата и го повтори барањето за формирање кризен штаб кој перманентно би заседавал.

Социјалдемократите, помалиот партнер во сојузната германска влада, на целата дебата гледаат како на туркање на рака меѓу демохристијаните. „Сега немаме време за хаос во оваа земја“, соопшти СПД. Наместо тоа, треба „побрзо да се вакцинира, повеќе да се тестира и да се излезе од локдаунот“.