1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Копнеж по Европа - случај Хрватска

Улрике Дер / Зоран Јордановски15 јули 2012

Младите кои поради војната во 1990-тите и‘ припаѓаат на таканаречената „загубена генерација“ во Хрватска, полагаат големи надежи во влезот на земјата во ЕУ. Хрватска се бори со товарот на минатото и актуелни проблеми.

https://p.dw.com/p/15Tsz
Фотографија: picture alliance / dpa

Сплит е втор по големина град во Хрватска и денес претежно живее од туризам. Променадата е шеталиште за Хрватите и за посетителите од цел свет.

Оља Савичевиќ, писателка родена во Сплит, вели дека стариот град е „блескава изложбена сала, голем излог на еден уништен и ограбен свет“.

  Зашто, Сплит има и друго лице: скапи и дубиозни градежни и санациони проекти го парализираат градот. Хотел Марјан, во 90-тите години прибежиште за бегалци од војната, требаше да стане хотел со пет ѕвездички - а сега е руина. За Оља Савичевиќ тој е симбол за состојбата на Хрватска.

Sehnsucht nach Europa Split mit TBF
СплитФотографија: DW/D. Dragojevic

„Ние живеевме во една подобра форма на социјализам, а сега живееме во најлоша форма на капитализам. Воопшто не бевме подготвени за овој општествен систем“.

Наградуваната писателка не молчи. Лани беше издаден нејзиниот прв вестерн-роман „Збогум, каубоецу“. За неа Хрватска е „див Запад“, во кој обичните луѓе како каубојци се борат за нивните права, а производството стагнира:

„Ја сакам оваа земја, но посакувам да е поинаква, поправедна. Сметам дека луѓето во оваа земја имаат право на многу подобар живот. Тоа е тоа што ме лути“.

Bildergalerie Sehnsucht nach Europa Split
Графити во СплитФотографија: DW

Околу 25 проценти од помладите возрасни се невработени. Дрогата и алкохолот се секојдневие. Оља растела во предградието Каштела, каде се одигрува дејството на нејзиниот роман. Војната ја прогонува како сенка. Својата генерација Оља Савичевиќ ја означува како „загубена генерација“, која останала заглавена помеѓу војната и повоеното време.

ТБФ е култен хип-хоп бенд од Сплит со фанови во целата земја. Младен Батовинац, вокал на ТБФ, вели:

„Ние сме генерација што израсна во вакуумот помеѓу времето на Тито и на хрватскиот претседател Туѓман. Потоа добивме демократија. Неа, како и се’ друго, ја примивме позитивно, според мотото ’ајде вистински да ја искористиме‘. Но, со тек на времето сфаќаш дека сето е купиште ѓубре и дека таа воопшто не функционира“.

Sehnsucht nach Europa Split mit TBF
Бендот ТБФФотографија: Dunja Dragojevic

Со песните тие сакаат да водат дневник, белешки за она, за што медиумите молчат: ’вистинскиот Сплит‘ со тешката социјална ситуација, дроги и алкохол. Во текстот на една нивна песна, се вели:

„Еве ги и нив двајца во тренерки

Од БМВ-ето мачно вреска турбофолк-пејачка

Тргнувам дома по вообичаениот пат

дечишта повраќаат по ѕидиштата и клупите.“

Од влегувањето во ЕУ догодина не очекуваат многу. Александар Антиќ, вокал на ТБФ, е убеден:

„На крајот се’ ќе се сведе на тоа, дека најголемиот дел од луѓето од влегувањето во ЕУ ќе очекува повеќе пари и повисок животен стандард“.

Sehnsucht nach Europa Split mit TBF
ТБФ: Од влегувањето во ЕУ догодина не очекуваат многуФотографија: DW/D. Dragojevic

Оља често помислува на својот детски копнеж по фармерки и кока-кола:

„Сега мислам дека ние тогаш многу го идеализиравме Западот, и сега, кога и’ се приближуваме на Западна Европа, на таа култура, тоа веќе не изгледа како што ние од далеку си го претставувавме. Но, и покрај тоа, се’ уште има извесен копнеж по слобода, слобода на изборот, генерално по некој подобар живот. Тоа е копнежот“.

Оља Савичевиќ и бендот ТБФ чекаат да видат што ќе дојде. Но, сигурно е само дека тие не сакаат да го напуштат својот роден Сплит.