1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзниот бискуп Тебарц-ван Елст се повлекува

ЕМФ/дв26 март 2014

Бискупот Тебарц-ван Елст кој беше предмет на жестоки критики поради своите стремежи за раскош, нема да се враќа во диецезата во Лимбург. Папата Франциско соопшти дека ја прифатил оставката на бискупот.

https://p.dw.com/p/1BW9C
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тебарц-ван Елст се најде на мета на критиките поради давање лажна изјава под заклетва во врска со еден негов лет во прва класа за Индија, поради начинот на којшто ја водеше диецезата, како и поради огромните трошоци (31 милион евра) за изградба на новата резиденција во неговата диецеза.

Од почетокот на март ватиканската бискупска Конгрегација го разгледува извештајот за финансиските дејанија на бискупот на Комисијата составена по налог на Германската бискупска конференција. Префектот на Конгрегацијата, кардиналот Марк Уелет, во саботата (22.03.) се сретна со папата Франциско и притоа разговараше и за случајот на Тебарц-ван Елст. Бискупот, како што се вели, со кардиналот Уелет се сретнал во понеделникот (24.03.) во Рим.

Неделникот „Ди цајт“ на својата интернет страница објави дека решавачки за заклучокот на папата не бил само извештајот за преголемите трошоци за изградба на резиденцијата во Лимбург, туку и загубената доверба на верниците во бискупот Тебарц-ван Елст. Претседателот на Германската бискупска конференција, кардиналот Рајнхард Маркс, по веста за повлекувањето на бискупот изрази олеснување и нагласи дека со тоа завршува „ерата на несигурност во диецезата Лимбург и се овозможува нов почеток“

За апостолски администратор во Лимбург сега е назначен Манфред Гроте. Тој беше прв човек на Комисијата за проверка, составена по налог на Германската бискупска конференција, која го подготви извештајот.