Коментар: Нови сомнежи во правната држава
5 август 2013Што се однесува до слободата на печатот и правната држава, Турција во меѓународна споредба не е особено добро позиционирана. По објавата на пресудите во сомнителниот процес против веројатни конспиратори, кои наводно планирале воен пуч против турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, со причина се појавуваат нови сомнежи во Турција како правна држава. Повеќето од околу 275-те веројатни членови на подземната организација „Ергенекон“ означена како терористичка мрежа во поединечни случаи се осудени до 150 години затвор. Во процесот има само 21 ослободителна пресуда. Новинари, избрани пратеници, универзитетски ректори, научници и високи по ранг водечки воени лица, кои требаше да ја отелотворуваат „државата во сенка“ против избраната влада на религиозно- конзервативната партија за Правда и развој (АКП) на овој начин се отстранети како извор на опасност.
Во Турција овој процес натамошно ја продлабочи бездната меѓу поддржувачите и противниците на Ердоган. Поделбата на турското општество во догледно време нема да може да биде надмината. Во текот на петгодишниот процес со 23 различни обвиненија не беше можно да се има преглед врз доказите и изјавите на сведоците. Со тоа повеќе не би можело да се разликува меѓу вистинити и невистинити резултати од истрагата. Сега со сигурност се знае само дека Ердоган при пресметката со секуларниот основен поредок на турската република извојува пирова победа. Тој конечно не е премиер на целиот народ, туку само на неговото избирачко тело. Тие на последните избори пред две години му овозможија демократски непобитна победа со речиси 50 проценти гласови.
Осудените со сигурност е поднесат барање за второстепена постапка. Тие имаат добри шанси за ревизија, бидејќи уште на самиот ден на објавата на пресудите од страна на судот во специјалниот затвор Силиври крај Истанбул селекцијата на учесниците во процесот и членовите на семејствата доведе до немири во судската сала и многу пресуди акустично не можеа да се разберат.
Сега се стравува дека немирите од изминатите два месеца и ексцесивното насилство на силите за безбедност против анти - Ердоган демонстрантите во многу турски градови ќе станат уште потешки по овој мамутски процес. Спиралата на насилство и против насилство масовно му се заканува на внатрешниот мир во оваа држава членка на НАТО. Но, со оглед на тоа што Турција е опколена со многу кризни жаришта на Блискиот Исток и е во директно соседство на Сирија каде се води граѓанска војна, земјата е многу важна за западните сојузници. Тие посакуваат мирно, присебно и сигурно раководство во Анкара, кое сепак во иднина повеќе ќе биде ангажирано да го зачува кршливиот внатрешен мир отколку да се грижи за продолжување на позитвиниот економски развој. Штета е, едно политичко раководство со демократски легитимирана поддршка од граѓаните да ја прави грешката, себеси да се смета за негрешливо и незаменливо.