Bosnien Islamisten
5 ноември 2011Меѓу познавачите на исламот, босанските муслимани се сметаат за либерални, толерантни и светски ориентирани. Мнозинството се сунити и и’ припаѓаат на ханефијската правна школа, на која се гледа како на особено отворена и подготвена за дијалог. Во Босна постои со столетија стара традиција за мултиконфесионален соживот. Муслиманите за време на Осмалиското царство го негуваа соживотот со католичките и православните христијани и сефардиската група Евреи. Од 19. век исламот во Босна живееше под толерантната управа на католичката Австриско-унгарска монархија.
Мустафа Кланко, долгогодишен главен имам на Босанците во Германија, појаснува: „Босанските муслимани пронајдоа модел, како може да ја зачуваат својата вера, култура и традиција. Тие научија, како да ја живеат својата вера во секуларна држава“. Вехабизмот пак, конзервативно-догматски правец на сунитството, кој е распространет во Саудиска Арабија никогаш не бил вкоренет во Босна.
Со војната во Босна и Херцеговина на почетокот на 90-те дојде до нов развој. Под впечаток дека се следени и дека се под опсада, некои Босанци се радикализираа. Истовремено започна процес на доселување на фундаменталистички муслимани од странство. Околу 2.000 борци од различни арапски земји дојдоа во Босна, меѓу нив и такви со врски со Осама Бин Ладен. По мировниот договор од Дејтон од 1995 година и крајот на војната, некои од овие исламисти одлучија да останат во Босна и добија босански пасоши. Тие регрутираат млади луѓе за религиозно потомство, со помош на фондации од Саудиска Арабија изградија џамии и се посветија на ширење на вехабитскиот правец на исламот. За седиште на фундаменталистите се сметаат некои села во источна Босна и помпезната џамија „Крал Фахд“ во Сараево, изградена со средства од Саудиска Арабија.
Вехабиите - политичко движење
Вехабизмот или Салафизмот, според Ресид Хафизовиќ од Факултетот за Ислам во Сараево се карактеризира со ригидна и конзервативна интерпретација на Коранот и се залага за конзервативна примена на Шаријата, традиционалното исламско право. Сепак, според Хафизовиќ, „оние кои денес во Босна и Херцеговина се нарекуваат вехабии или салафисти, се многу милитантни и се залагаат за вредности, кои немаат врски со исламот“. Исламологот од Сараево е загрижен за нивното влијание, бидејќи „денес тие не се повеќе религиозно туку многу повеќе политичко движење“.
Нема официјални податоци за бројот на вехабиите меѓу вкупно 2,5 милиони муслимани во Босна. Министерот за внатрешни работи Ахметовиќ неодамна истакна дека „нема повеќе од 5.000“ вехабии. Тие немаат официјални организации како здруженија, сојузи или партии и многу ретко доаѓаат на јавни настапи. Со јавноста комуницираат најрадо преку веб портали. Внатре во нивните затворени заедници вехабиите се многу активни, се држат многубројни предавања за „вистинската вера“, за „вистинското учење на коранот“ и „вистинскиот исламски пат“.
Меѓународно вмрежување
Притоа се привлекуваат нови приврзаници, но не само преку спиритуелна убедувачка сила. Во босанскиот печат повеќепати се пишувало за финансиска поддршка за конвертитите во вехабизам. Така на пример интернет порталот „Вести“ тврди дека некои нови вехабии примиле по 400 долари месечно за да преминат во овој радикален правец на исламот и да го почитуваат неговиот строг кодекс на облекување. Парите, за тоа владее широко убедување во Босна, доаѓаат од Саудиска Арабија.
Познати се исто така и контакти на босанските вехабии со потесното соседство, на пример во регионот на Санџак во Србија. Таму живеат многумина припадници на босанското малцинство, а радикалните исламисти во регионот се многу активни. И напаѓачот од Сараево доаѓа од овој регион. Се претпоставува дека постојат тесни контакти и со исламистите во Австрија и Германија. Виенската џамија „Сахаб“ се смета за централа на екстремистите кои доаѓаат од Босна, а на германските Салафисти од здружението „Покана за рајот“ им се припишуваат контакти со босанските вехабии.
Либералните муслимани - „неверници“
Иако понекогаш се чини претерана заканата од исламските „божји воини од Балканот“, сепак опасноста од милитантниот исламизам во Босна и Херцеговина не е за потценување. Случајот со 23 годишниот Мевлид Јашаревиќ, кој на крајот на октомври со калашников стрелаше врз американската амбасада во Сараево и тешко повреди полицаец, не е единствен.
Во јуни минатата година во полициската станица во Бугојно, во централна Босна, детонираше бомба. Во инцидентот загина полицаец, а уште шестмина беа повредени. Како сторител беше уапсен Харис Чаушевиќ, вехабија од тој регион. Во извештајот на НАТО од 2009 година за опасноста од исламистите во Европа меѓу другото се наведува и групата „Активна исламаска младина“ која делува во Босна, а е финансирана од Саудиска Арабија и Иран. „Муџахедини со босанско државјанство ги тренираат членовите на групата, како да применуваат терористички техники и да користат експлозиви“ се вели во студијата. Со оглед на милитантниот потенцијал на босанските вехабии загрижува тоа дека тие гледаат како на непријатели не само на припадници на други религии или атеисти. И либералните муслимани во Босна важат за „неверници“, особено имамите кои проповедаат толеранција во односот со христијаните.
Автор: Зоран Арбутина/ Александра Трајковска
Редактор: Ж.Ацеска