1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се (не)безбедни градилиштата во Македонија?

Антоанела Димитриевска 27 октомври 2013

Надлежните велат дека причина за трагичните биланси е обемот на работа. Стручњаци пак сметаат дека се виновни небезбедните скелиња, неносењето заштитна опрема, недоволната обученост или несовесноста на некои работници.

https://p.dw.com/p/1A6pO
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Податоците за стапката на смртни случаи поради повреда на работа во Република Македонија според податоците од Министерството за труд и социјална политика дадени за ДВ, се следниве: „Во 2012 година се дури 13 смртни случаи, што е за две жртви повеќе споредено во 2011 година кога имало 11 смртни случаи. Во 2009 и 2010 година имало 12 жртви со смртни последици“.

Надлежните од Министерството за труд и социјална политика се децидни: „Ова се должи на зголемените работни задачи во градежниот сектор“.

На интернет страната на Министерството за труд и социјална политика информираат за извршените инспекциски надзори од областа безбедност и здравје при работа од страна на Државниот инспекторат за труд, а за месец јули 2013, тие се следниве:

„Во текот на јули 2013 година, Државниот инспекторат за труд изврши 808 инспекциски надзори од кои 568 се редовни. Најголем дел од донесените 241 од вкупно 244 решенија, се за утврдени недостатоци за безбедност и здравје при работа. Донесени се 20 забрани за работа, а извршени се и 100 увиди на самото место за потешки повреди на работа, а има и четири смртни случаи. Во месец јуни годинава, има еден смртен случај. Во јули годинава, поднесени се 13 барања за поведување на прекршочна постапка за повреди по Законот за безбедност и здравје при работа, а поднесени се и три кривични пријави.“

Според информацијата што деновиве ја објавија некои од медиумите, во последниве три месеци годинава, на градилиште загинаа три работници од Велес, а од кои еден работеше и загина на бродоградилиште во Црна Гора.

Според табелата на Министерството за труд и социјална политика доставена за ДВ за периодот од 2009 до 2012 година, јасно се гледа дека бројот на повреди при работа на градилиштата во Македонија е скоро тројно зголемен, од 507 во 2009, на 1428 повреди при работа во 2012 година. Но според нивната констатација: „Ова се должи на зголемениот опфат во пријавување на повредите, а нѐ го одразува нивното реално зголемување“.

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Според синдикатот најчесто жртви се работници во помалите градежни фирми

Во Македонија има регистрирано над четири илјади градежни фирми, а голем дел од нив се членки на ССМ и ги почитуваат одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа, потенцира во изјавата за ДВ, Иван Пешевски од гранковиот Градежен синдикат при ССМ и појаснува:

„Нашите членки воглавно се поголеми градежни фирми кои го почитуваат Законот и таму има многу малку повреди при работа, а воопшто и да нема смртни случаи на загинат на градилиште. Несреќите со трагичен биланс воглавно се случува во малите фирми кои не го почитуваат законот и не ги обезбедуваат и заштитуваат работниците при работа“.

Во големите фирми тврдат дека повредите на работниците при работа се сведени на минимум, а многу ретко на нивните градилишта има смртни случаи.

Илија Димитриевски одговорно лице за безбедност и здравје при работа на Градежната фирма ГД Гранит А.Д. Скопје за ДВ потенцира:

„Оваа година бројот на повреди во ’Гранит’ е намален за 70 %, а што се должи на зголемување на превентивни мерки за обезбедување и заштита на работниците при работа. На нашите градилишта последниве години не се случиле смртни случаи при работа“.

Многу од работниците кои работат во помалите градежни фирми, велат дека воопшто и да не се обезбедени при работа на градилиштата. Еден од нив кој сака да остане анонимен, за ДВ појаснува:

„Во градежната фирма каде работам воопшто не сме безбедни“. Тој наведува дека неодамна паднал негов колега „од поголема височина и за среќа во несреќа само ја скрши ногата. Не беше здраствено осигуран и остана и без работа и без парично обештетување. Државниот инспекторат за труд доаѓа во контрола, ама работодавците тогаш нереално ги прикажуваат состојбите за нашата безбедност“.

Безбедноста и заштита при работа да биде култура на однесување на сите во градежните фирми

„Секој работник како што жив и здрав дошол на работа треба соодветно да биде заштитен при работа, за потоа здрав и жив се врати дома кај своето семејства“, потенцира Крсто Мицевски координатор на Градежниот синдикат за безбедност и здравје при работа и појаснува: „Тоа треба да биде резултат на културата на однесување на сите надлежни за безбедноста на работниците во градежните фирми, а не резултат на репресивните мерки што поради негрижа на тој план кон нив ги превземаат надлежните инспекции“.

Според Мицевски несреќите со смртни случаи најчесто се случуваат: „Поради небезбедни скелиња за работа на големи височини, недоволно заштитна опрема за заштита на работниците на големи височини или недоволна обученост на работниците од страна на работодавците. А во дел вината ја сносат и самите работници, а кои повремено од себе ја вадат заштитната опрема“.