1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку заработуваат концерните по продадено возило

Клаус Улрих/бг19 август 2016

Масовното производство на авто-концерните не значи и голем профит: во првата половина од 2016 Фолксваген продаде најмногу возила во светот, но други заработија далеку повеќе.

https://p.dw.com/p/1JlMH
Фотографија: Dr. Ing. h.c. F. Porsche AG

Теоријата е едноставна: најголемите би требало да бидат и најпрофитабилни, затоа што колку повеќе толку полесно може да се достигне максимумот. Меѓудругото и затоа што трошоците за производство на деловите се намалуваат со поголемиот обем. Но во пракса оваа теорија не се покажува точна. Тоа го покажува споредбата на профитот по возило кој го постигнаа водечките светски концерни во првата половина од 2016 година.

Во тој поглед во водство е „Форд“ кој во минатото немаше баш резултати за воодушевување. „И за нас беше тоа изненадување“, вели Фердинанд Дуденхофер, раководител на програмата за истражување на автомобили на Универзитетот во Дуизбург. Оттаму доаѓа и новата студија за профитот на автопроизводителите.

„Нашето истражување покажа дека големите производители имаат потешкотии со профитот. Меѓудругото и затоа што во автоиндустријата важат поинакви правила од едноставното масовно производство“, вели Дуденхофер.

Infografik Gewinne und Verkäufe Autokonzerne 1. Halbjahr 2016 Deutsch
Табела на профитабилност на автопроизводителите

Клучниот збор е флексибилност

Мерено според апсолутната добивка по возило и маржата на добивка „Форд мотор компани“ е најуспешниот автоконцерн во првата половина од 2016. По продадено возило, Форд имал добивка од 1.652 евра. Маржата на добивка мерена без пресметани камати и даноци изнесува 8,7 проценти. Веднаш зад Форд е „Џенерал Моторс“ со маржа на добивка од 8,6 проценти, што исто така е изненадување имајќи предвид дека американскиот концерн во 2009 година беше на работ на банкрот.

За експертите, зад овој успех се крие еден клучен збор, а тоа е „флексибилност“.

„Флексибилноста на автопроизводителите е многу важна. Таа зависи од тоа колку се искористени високо автоматизираните капацитети“.

Ferrari 335 Sport Scaglietti
Ферари прави најголем профит по продадено возилоФотографија: Reuters/Ph. Wojazer

Фолксваген има проблем со структурата

Најголемиот европски производител Фолксваген, иако продава најмногу возила во светот сепак мора да се задоволни со мизерна добивка од само 4,5 проценти по возило. „Во Фолксваген со години имаат структурен проблем“, вели Дуденхофер.

Експертот ги набројува учеството на покраината Долна Саксонија со 20 проценти од акциите во коцернот, и гаранцијата на работните места како дел од проблемот.

„Деловите кои ги изработува Фолксваген чие производство во Германија чини многу. Овие работни места се заштитени, тоа е добро на кус рок, но и штети на профитабилноста на фирмата“, вели Дуденхофер.

И јужнокорејскиот гигант Хјундаи и јапонската Тојота се соочуваат со намален профит. Со апсолутната добивка од 755 евра по возило, Хјундаи е речиси на дното, зад Фолксваген каде добивката е 801 евро. Тојота се уште успева да добие 1602 евра по продадено возило, но брендот е во опаѓање.

Тоа не може да се каже за водечките ткн. „премиум“ марки на пазарот. БеЕмВе со маржа од 9,5 проценти по возило и Мерцедес- 7,9 заработуваат многу.

Секако, доколку се анализира само маржата по продадено возило, апсолутно водечки се луксузните марки. Просечната цена на едно Ферари во првите шест месеци од годинава изнесуваше 310 илјади евра, а маржата е околу 18 проценти. Добивката по возило е околу 56 илјади евра. Порше заработува по 15.600 евра по возило, а просечната цена е нешто над 93 илјади евра. Тоа е маржа од 16,7 проценти.
За да ја оствари добивката на Порше од едно возило, Фолксваген мора да продаде 40 нови возила.