1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колебливо соочување со комунистичкото минато во Албанија

Вилма Вилај Балвора/ Симе Недевски24 август 2013

Безбројни злосторства од времето на комунистичката диктатура во Албанија и натаму остануваат сокриени во актите на тајните служби. Албанија нема закон за лустрација и тоа е голем предизвик за новоизбраниот парламент.

https://p.dw.com/p/19MVL
Фотографија: DW Eigendreh

На северниот дел на Албанија, на 140 километри од главниот град Тирана, еден од старите патокази води во Спач. Овој пат за Скендер Туфа пред 32 години бил пат кон пеколот.

„Се возевме во затворено комби за превоз на затвореници. Беше тесно, бевме дваестемина. Патувањето траеше околу 8 часа. Немаше воздух, ниту храна, ниту можност за други лични потреби“, раскажува Туфа.

Кога бил однесен во работниот логор за полититички затвореници, имал само 19 години. Со тројца пријатели сакал да дели критички летоци против комунистичкиот режим. Во Албанија ова било тешко кривично дело - агитирање и пропаганда; така стоело во тогашниот кривичен закон. Само поради идејата да дели летоци е осуден на 18 години затвор.

Ќелии на ужасот

Der albanische Diktator Enver Hodscha
Енвер ХоџаФотографија: picture-alliance/dpa

Во Спач иста судбина со него делеле околу 1.300 други затвореници. Работеле напорно во рудник за бакар. Условите за работа биле нечовечки, а храната лоша. Биле и измачувани.

„Ова беше место на ужас - ќелиите за измачување. И јас повеќепати со денови бев тука. Во затворот имаше кодошење од други затвореници. Поради тоа во овие ќелии бевме врзувани и измачувани“, се присетува Скендер Туфа.


Кога Скендер Туфа во 1980. година бил уапсен во Тирана, Дилавер Бенгаси бил иследник во Државното обвинителство. Со него се сретнавме кај пирамидата, споменикот на некогашниот диктатор Енвер Хоџа. „Како иследник, секогаш се придржував кон тогашните закони.“, вели Бенгаси.

Тој денес работи како адвокат. Скендер Туфa понекогаш го среќава во градот:
„Не е пријатно да го сретнеш тој, кој ти ја одземал слободата и те шиканирал во текот на истрагата. И покрај тоа не чувствуваме омраза - ниту јас, ниту луѓето кои ја доживеаја истата судбина. Но, сите ние страдаме од последиците на изгубеното време, кое никогаш веќе не може да се врати. Веројатно би ми било доволно едно извинување од тие луѓе“, вели Скендер.

Enver Hohxa Grabmal
Пирамидата- мавзолејот на Енвер ХоџаФотографија: cc-by-nc/lassi.kurkijarvi

Држи ја муцката затворена или ќе завршиш в затвор

Жртвите на диктатурата уште го чекаат извинувањето. Дилавер Бенгаси, директор на Државната полиција се’ до промените во 1990. година, не се кае - вели, само ја извршувал должноста.

„Тогашната држава секому му гарантираше леб, покрив над главата, бесплатно школување и здравствена заштита, под стриктен услов да не ја напаѓаш. Со оглед на тоа дека критиката не се толерираше, слоганот беше јасен: или ќе ја држиш муцката затворена, или ќе завршиш в затвор. Од денешна перспектива тоа беше екстремно“, вели Бенгаси.

Министерството за внатрешни работи држи под клуч илјадници документи - таму се наоѓаат и имињата на соработниците на некогашната тајна служба Сигурими, која ги шпионирала граѓаните.

За време на диктатурата повеќе од 25.000 луѓе биле однесени во логори, како политички затвореници. Дури неодамна во Националниот музеј во Тирана е отворен скромно уреден оддел за злосторствата на комунистичката диктатура.

Да не се повтори минатото

Пред две години во парламентот е постигнат договор за основање институт за обработка на злосторствата од времето на диктатурата. За причината зошто тоа се случи толку доцна, директорот Агрон Туфа вели: „На сите нивоа на локалната и централната власт, во парламентот, во државните и во јавните служби работат многу луѓе со мрачно минато од времето на диктатурата.“
На поранешните затвореници не им преостанува уште многу време за да се дознае вистината. Спач, симболот на ужасот, се распаѓа.
„Ако тие работи се избришат од сеќавањата на граѓаните, постои опасност да ни се повторат ужасите од минатото. Диктатурата може да се врати во разни облици. Ние не сакаме минатото да падне во заборав“, предупредува поранешниот политички затвореник Скендер Туфа.

Die Betonbunker sind Zeugen des Kommunismus in Tirana, Albanien
Фотографија: DW/Cama

Траумата од комунистичката диктатура сѐ уште е длабокo вкоренета. Таа и денес, повеќе од 20 години по пресвртот, предизвикува поделби во општеството во Албанија.