1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои ќе бидат новите германски министри?

АТ/ дпа/ афп/ ртр15 декември 2013

Откако членовите на СПД јасно гласаа „за“, патот за трeтата голема коaлиција во историјата на Германија е отворен. При распределбата на министерствата се можни повеќе изненадувања.

https://p.dw.com/p/1AZvc
Фотографија: Reuters

Најголемото изненадување се навестува во Министерството за одбрана. Според германските медиуми, досегашната министерка за труд и социјала Урсула фон дер Лајен треба да биде првата жена која ќе застане на чело на ова министерство. Оваа 55-годишна политичарка од ЦДУ во Министерството на одбрана ќе го замени сопартиецот Томас де Мезие, кој се враќа во ресорот внатрешни работи, се вели од Берлин.

Официјално ЦДУ, ЦСУ и СПД имињата на идните министри ќе ги објават денеска (15.12.). Откако базата на Социјалдемократската партија се изјасни позитивно за големата коалиција, од партиите прво ја објавија распределбата на министерствата. ЦДУ ја зазема канцеларската функција со Ангела Меркел и ќе раководи со министерствата за внатрешни работи, финансии, одбрана, здравство и образование. Волфганг Шојбле останува министер за финансии. Според информации на „Рајнише пост“ и „Шпигел онлајн“ актуелниот генерален секретар на ЦДУ Херман Грее ќе биде новиот министер за здравство. Засега е отворено дали министерката за образование Јохана Ванка ќе остане на функцијата.

ARCHIVBILD Thomas de Maiziere und Ursula von der Leyen
Томас де Мезие се враќа во Министерството за внатрешни работи, а Урсула фон дер Лајен треба да биде првата жена министер за одбранаФотографија: Reuters

Тројца министри од ЦСУ

Баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ) ќе добие три министерства. Нов министер за сообраќај и дигитална инфраструктура треба да биде актуелниот генерален секретар на ЦСУ, Александер Добринт. Досегашниот министер за сообраќај Петер Рамзауер го напушта кабинетот, јавува весникот „Билд ам зонтаг“. Министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих ќе го преземе ресорот земјоделство. Засега е отворено кој ќе го води Министерството за развојна помош.

Се смета дека распределбата на министерствата во СПД е завршена: Како вицеканцелар и „суперминистер“ за економија и енергија во кабинетот ќе седне шефот на партијата, Зигмар Габриел. Шефот на пратеничката група Франк Валтер Штајнмаер треба да раководи со Министерството за надворешни работи, благајникот на СПД Барбара Хендрикс го презема ресорот екологија, додека генералниот секретар на СПД, Андреа Налес ќе го преземе Министерството за труд и социјала. Заменик шефот на СПД Мануела Швезик исто така ќе биде дел од новиот кабинет на Меркел, таа ќе го преземе Министерството за семејство. Со ресорот правда пак ќе раководи досегашниот покраински министер за стопанство во Заарланд, Хајко Мас.

Aydan Özoguz
Ајдан Озогуз ќе биде државен секретар за миграција, бегалци и интеграцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Со заменикот претседател на СПД Ајдан Озогуз, според информации од германската новинска агенција, за првпат во историјата на Германија, жена со турско потекло ќе заземе место во владата. Озогуз треба да стане државен секретар за миграција, бегалци и интеграција.

Речиси 76 проценти од базата на СПД се изјаснија за формирање на коалициона влада со ЦДУ и ЦСУ. На внатре-партиското гласање учествуваа 369.680 членови односно 77,86 проценти од 474.820 социјалдемократи со право на глас. Околу 32.000 гласачки ливчиња беа неважечки, додека 23,95 проценти од членовите гласаа против големата коалиција. Претседателот на партијата Зигмар Габриел при објавувањето на резултатите во Берлин изјаснувањето на базата го нарече „празник за внатре-партиската демократија“. Претседателот на ЦДУ и канцелар Анегела Меркел му честиташе на Габриел. Таа порача дека се радува на соработката во коалицијата. Во вторник Унијата и СПД во Бундестагот по третпат треба да ја изберат Ангела Меркел за канцелар на Германија.