Кои тимови ќе ги гледаме на СП во Русија 2018
Со квалификацијата на Перу, се комплетираше составот на тимови за Светското првенство во Русија следната година. Ви ги претставуваме сите репрезентации кои ќе се натпреваруваат на турнирот.
Русија
Русија автоматски се пласираше на турнирот како домаќин и со тоа ќе го има 11. учество во завршницата на Светските првенства. Русите најавуваат дека нивната цел е полуфинале, но минувањето на групната фаза веројатно ќе може да се смета за успех.
Бразил
Бразил никогаш во историјата не пропуштил фудбалски Мундијал. Предводена од Нејмар (на фотографијата) репрезентацијата уверливо ги мина квалификациите. Целта на првенството е шестата титула.
Шпанија
Светскиот првак од 2010 и европски во 2008 и 2012, немаше проблеми во квалификациите. Според многумина едни од фаворитите на првенството.
Франција
Финалисти на ЕП во 2016, репрезентацијата на Франција е тим составен од големи ѕвезди на речиси сите позиции. Се сметаат за фаворити во сенка на првенството.
Португалија
И покрај тешките квалификации, Кристијано Роналдо и другарите се надеваат на подвиг во Русија. Португалија е актуелен европски првак, но повторувањето на успехот на светско ниво ќе биде многу потешко.
Исланд
Исланд се квалификуваше на голем турнир по вторпат едноподруго. По шоуто кое го приредија на Евро 2016, нивните настапи се очекуваат со големо внимание. Во најмала рака и настапите на нивните навивачи.
Србија
Србија имаше добар квалификациски циклус освојувајќи го првото место во групата Д. Тимот има голем број искусни интернационалци, но поголемо изненадување е тешко да се очекува.
Нигерија
„Супер орлите“ со леснотија ги минаа квалификациите на својот континент и сега го очекуваат својот седми настап на светските првенства. Тимот е составен од бројни интернационалци од кои најголемиот дел настапуваат во Англија. Еден од нив е и Алекс Ивоби (на фотографијата) кој настапува за Арсенал.
Јапонија
Јапонија се пласираше како најдобра репрезентација од Азија. На „самураите“ ова ќе им биде шести настап на Мундијалите на кои досега никогаш не успеаја да ја минат осминафиналната фаза.
Германија
Актуелниот светски првак се „прошета“ низ квалификациите и успеа да остане непоразен во текот на целата 2017 година. Според букмејкерите, Германците се главни фаворити на првенството, но одбраната на титулата ќе биде многу тешка задача.
Коста Рика
Костариканците обезбедија пласман со драматичен гол во последната минута на последниот меч во квалификациите. Ова ќе им биде петти настап на едно СП, а амбициите се скромни.
Мексико
За Мексико ова е 16 настап на Мундијалите, а најголемиот успех се двете полуфиналиња во 1970 и 1986 година-обете на домашен терен. Главен адут на Мексиканците ќе биде напаѓачот Хавиер Хернандес алијас Чичарито (на фотографијата).
Иран
Иран одигра извонредни квалификации и постави нов азиски рекорд од 12 натпревари без примен гол. Ова ќе биде нивни петти настап на СП, а ги предводи поранешниот тренер на Реал Мадрид, Португалецот Карлош Квеирош.
Англија
И покрај рекордот од 38 натпревари и цели осум години без пораз во квалификациските натпревари, никој сериозно не ја смета Англија за фаворит на првенството. По очајното ЕП во 2016 година, сите надежи се свртени кон голгетерот Хари Кејн (на фотографијата).
Саудиска Арабија
И покрај успешните квалификации и петтиот пласман на СП, не е се розово во таборот на Саудијците. Холанѓанецот Берт фан Марвајк беше отпуштен по последниот меч, а тимот во Русија ќе го предводи Аргентинецот Едгардо Бауза.
Јужна Кореја
Јужнокорејците не се прославија во квалификациите, но стигнаа до своето 10 учество. Нивниот најголем успех досега е полуфиналето во 2002 кога беа ко-организатори на СП.
Белгија
Белгија има еден од најталентираните тимови на СП со ѕвезди како Азар, Лукаку и Де Бројне. Но на големата сцена досега не успеаја да постигнат позабележлив успех. Од нив се очекува многу во Русија.
Египет
Египет се пласира на едно СП за првпат од 1990 година. За тоа им беше потребен гол во последната минута од квалификацискиот дуел против Конго, и успеаја да го постигнат преку пеналот на Салах. На славјето во Каиро му немаше крај.
Полска
Полјаците го обезбедија првото учество на СП по пауза од 12 години. До успехот ги предводеше ѕвездата на Бајерн Минхен, Роберт Левандовски, кој ги предводеше сите голгетери во квалификациите со 16 погодоци.
Аргентина
Аргентинците со многу мака стигнаа до СП во Русија. Хет-трикот на Лионел Меси на последниот меч против Еквадор им го оствари сонот, но сега претстои потешкиот дел од задачата. Многу веројатно ова ќе биде неговото последно СП, а со тоа и последната шанса да се израмни во статусот со Диего Марадона.
Панама
Панама за првпат се пласираше на еден Мундијал, а историскиот успех беше дотолку позначаен поради фактот што беше исфрлен големиот ривал- САД. Херојот на квалификациите беше Габриел Торес со гол пред самиот крај против Коста Рика.
Колумбија
Ѕвездата на последниот Мундијал, Хамес Родригез ќе добие уште една шанса да го покаже својот талент, откако Колумбија се квалификуваше за Русија на последниот дуел со Перу.
Уругвај
Уругвај, првиот домаќин и првиот победник на едно СП, ќе го има 13 настап на големиот настан. Иако ретко се меѓу фаворитите, со ѕвезди како Луис Суарез во тимот, Уругвај е репрезентација против која малкумина сакаат да играат.
Тунис
По два неуспешни циклуси за последните две СП, Тунис конечно успеа да го обезбеди петтото учество на Мундијалите. Досегашните резултати не влеваат голем оптимизам: на 12 одиграни натпревари на СП досега, Тунис победил само еднаш.
Мароко
Мароко не само што успеа да остане непобеден во африканските квалификации, туку не прими ниту еден гол. Ова ќе биде второто учество за Мароко на СП.
Швајцарија
Швајцарците преку баражот стигнаа до СП, и тоа благодарение на сомнителен пенал во двомечот против Северна Ирска. Ова им е четврти едноподруго настап на Мундијалите, но очекувањата не се големи.
Хрватска
Хрватска за малку направи од готово вересија во квалификациите, но успеаја да стигнат до Русија благодарение на одличниот двомеч против Грција во баражот. Тимот има одлични индивидуалци предводени од Лука Модриќ, но прашање е дали можат да го повторат историскиот успех на златната генерација од 1998 година кога загубија во полуфиналето.
Сенегал
Ова е ќе биде втор настап за Сенегал на СП, откако успеаја да ја освојат својата квалификациска група. На првиот настап во 2002 година, Сенегал стигна до четвртфиналето. Овојпат предводени од Садио Мане, повторување на тој успех не е исклучено.
Шведска
Швеѓаните го направија најголемото изненадување во баражот откако ја елиминираа Италија со маестрална дефанзивна тактика. За Шведска ова ќе биде 12 настап на СП и прв од 2006 година.
Австралија
Иако во периодот од 1930 до 2002 година, Австралија имаше само еден настап на СП, таа е редовен учесник на последните четири првенства. На патот до Русија минаа и низ два бараж натпревари, против Сирија и Хондурас.
Данска
Кристијан Ериксен (на фотографијата) ги предводеше Данците до убедливата победа од 5:1 против Република Ирска во баражот. Ова е ќе биде петти настап за Данска на СП. Првиот беше дури во 1986 година.
Перу
По 35-годишно отсуство од најголемата светска фудбалска смотра, Перу конечно успеа да се пласира благодарение на победата во баражот против Нов Зеланд. Победоносниот гол го постигна Џеферсон Фарфан (на фотографијата).