1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кои се можни посредници во конфликтот на Блискиот Исток?

Кристоф Хаселбах
20 мај 2021

Во конфликтот меѓу Израел и Палестинците трескавично се бара можен посредник. Каква улога би можеле да имаат Европејците и Германија, чиј министер за надворешни работи Хајко Мас денеска е во Израел и Западниот Брег?

https://p.dw.com/p/3tbS5
Weltspiegel 17.05.2021 | Nahostkonflikt | Gaza Citiy, israelischer Luftangriff
Фотографија: Anas Baba/AFP/Getty Images

Вооружениот судир трае повеќе денови и однесе преку 200 животи. Според зборовите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на дебатата во Советот за безбедност на ОН, тој конфликт има „потенцијал да предизвика незапирлива безбедносна и хуманитарна криза, како и да го засили екстремизмот не само во Израел и во палестинските подрачја, туку и во целиот регион.“

Но, токму највиското тело на ОН е блокирано. САД во повеќе наврати спречија заземање заеднички став на телото составено од 15 претставници на постојани и привремени членови на Советот за безбедност. Тоа го образложија со тврдење дека таквата изјава на Советот за безбедност би ги загрозила американските обиди за посредување. Иако ионака не стануваше збор за обврзувачка резолуција.

„Советот за безбедност за жал не можеше да зборува едногласно само затоа што тоа го оневозможува една земја“, изјави разочарано кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

Прекин на непријателствата не е на повидок

Претседателот на САД Џо Бајден во меѓувреме барем поддржува прекин на огнот, што моментно исто така е многу. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не сака ни да чуе: „Наредбата гласи: ударите против терористички цели продолжуваат.“ Тоа го изјави на седницата на кабинетот деновиве.

Нетанјаху очигледно сака да покаже сила и со тоа да ја зајакне израелската преговарачка позиција. Истовремено, нему како на привремен премиер на внатрешен план му одговараат воени успеси, кои би можеле да му помогнат по неодамнешните избори сепак да пронајде мнозинство за формирање влада.

Повеќе:

Ердоган долева масло на огнот – го нарекува Израел „терористичка држава“

Германија на страната на Израел – долга историска приказна   

Израелско-палестинскиот конфликт им одговара (речиси) на сите

Источен Ерусалим - тест за односите на Израел и арапскиот свет

Американците како можни посредници имаат проблем со веродостојноста која потекнува од ерата на претходникот на Бајден – Доналд Трамп, кој во 2018 година ја премести амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим. Потегот полн со симболика предизвика одушевување во Израел, а остра осуда кај Палестинците и целиот арапски свет. За време на претседателскиот мандат на Трамп, Вашингтон се повлече од регионот и веќе не е сила која заведува ред. И Бајден стана нешто поактивен дури по силен притисок.

На Европејците им недостига „целосен стратешки концепт“

Германскиот демохристијан Јохан Вадефул смета дека Вашингтон и натаму има обврска пред сите да посредува: „САД имаат исклучителна улога ако се земе предвид нивната безбедносна соработка со Израел и нивната функција на стратешки член на Светот за безбедност на ОН“, вели тој, додавајќи дека и ЕУ и Германија би морале да се вклучат.

Неговиот партиски колега Норберт Ретген изјави дека Европејците не одиграа никаква улога како посредници, но Вадефул има донекаде поинакво мислење: ЕУ и Германија според него „мораат да ја поддржат посредничката улога на САД и тоа со целни разговори со израелската влада и претставници на палестинската автономија“. Освен тоа, тој смета дека треба да се искористат „нашите многубројни контакти со израелското цивилно општество за да се придонесе кон деескалација.“

Политичарот од германските Либерали (ФДП), Бијан Џир-Сарај смета дека Европејците уште не ги исполниле стратешките претпоставки за успешно посредување: „За жал, германската влада и ЕУ немаат целосен стратешки концепт за регионот. Затоа членките на ЕУ мора итно да разработат сѐопфатна блискоисточна иницијатива. Таа треба да се договори и спроведе со трансатлантските партнери“, вели тој за Дојче веле.

Што е со Блискоисточниот квартет?

САД, Русија, ОН и ЕУ во 2002 година го основаа т.н. Блискоисточен квартет, откако пропадна мировниот процес воден во Осло во 90-те години. Но, тој долго не заседаваше. Ополномоштениците на Квартетот барем се во телефонски контакт поради кризата и разговарале околу можни посреднички чекори, пренесе руското Министерство за надворешни работи. Проблем на Квартетот е што е внатрешно блокиран, на ист начин како и Советот за безбедност, зашто и актерите се главно исти. 

Политичарот од германските Либерали, Александар гроф Ламбсдорф смета дека различните актери не се исклучуваат меѓусебно. Тој бара водечка улога на Вашингтон, силна дипломатска поддршка на Европејците и вклучување на Блискоисточниот квартет, како и на регионални сили како Јордан и Египет. Тие две арапски држави и во минатото во тешки времиња одржаа комуникација и со Израел и со Палестинците, а и сега се понудија за посредници.

Правото на постоење на Израел и изградбата на населби

Што ќе се случи кога ќе дојде до прекин на огнот, сеедно со чие посредување? Дали некој верува во решение за „две држави“ на кое и натаму инсистира генералниот секретар на ОН, Гутереш?

Бијан Џир-Сарај верува дека токму тоа е решение кое „долгорочно и на Израел и на Палестинците им овозможува живот во мир“. Вадефул меѓутоа додава дека за такво нешто двете страни мора да бидат спремни на компромис. Според него, компромисот на палестинска страна, како и на страна на арапските држави кои ги поддржуваат Палестинците, би можел да се состои во признавање на Израел на правото на постоење.

Џир-Сарај додава дека една работа е јасна: „Политиката на изградба на населби на владата на Нетанјаху во последните години отежна нови преговори околу ‘две држави' како решение на конфликтот. Таа политика мора неизоставно веднаш да се укине.“

Германија себе си во случајов се гледа пред сѐ како дел од ЕУ. Тоа е поврзано со германската историја и холокаустот. Поради тоа на германската дипломатија ѝ е потребна внимателност и изострено чувство.

Вадефул истакнува дека сепак ништо не стои на патот на урамнотежена германска улога: „Од историската одговорност за државата Израел произлегува и посебна одговорност за мир и стабилност во регионот.“ Тој додава дека Германија веќе се вклучува со „тесните и разгранети врски со Израел, но на пример и како најголем финансиер на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци. Меѓутоа, кога се нападнати Израел и еврејскиот народ, ние не можеме да молчиме. Мораме да заземеме јасен став и да стоиме зад нашата одговорност.“