1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се и што сакаат вахабистите во БиХ?

8 февруари 2010

Кои се луѓето што носат долги бради, скратени панталони, кои се клањаат поинаку од „традиционалните“ муслимани? Кои се луѓето кои сметаат дека единствено е исправен начинот на којшто тие го гледаат исламот?

https://p.dw.com/p/LvWY
Фотографија: DW

Сабин Смајловиќ пред семејната куќа со традиционалниот повик ги известува соседите дека е време за една од петте дневни молитви - акшам. Во куќата е неговата сопруга која немам прилика да ја видам и двата сина - Харис и Имад. „Живееме и се однесуваме во духот на исламот“, го објаснува Сабин својот животен пат.

„Пред себе имаш човек што до 1995 година не знаеше ништо за исламот, зашто системот беше таков. Во меѓувреме, кога ја дознав вистината, почнав да се однесувам согласно со тоа“, вели тој смирено. „Ако има некого што сум го навредил, ако ваквиот вид на ислам некому му направил зло...“, подзастанува Сабин и додава: „Секогаш е во прашање човекот што направил штета. За тоа не треба да се обвинува исламот.“

„Зарем на Запад постои некој друг господ?“

Во селото Доња Лохиња кај Грачаница неколку семејства живеат според строго исламски прописи. Ни‘ се придружува Сенад Алиќ. Неговата приказна е слична како онаа на Сабин: „Со доаѓањето на одделни луѓе на просторите на Босна и Херцеговина во текот на војната, ја спознав вистинската вера која ми се допадна - исламот. Без алкохол, дрога, без пороци - живеам во убави соседски односи, имам убав и здрав живот со молитва, учење на Коранот. И денес живеам на овој начин“, вели тоа помагајќи му на Сабин во служењето кафе.

Gebetsruf Bosnien
Сабин Смајловиќ повикува на молитваФотографија: DW

Давор Марко е автор на книгата „Зарем на Запад постои некој друг господ?“ Тој го истражува феноменот на вахабистите, кои всушност не се викаат така.

„Тоа се селефии, следбеници на т.н. чист ислам, а вахабистите се колоквијален назив според основачот Абдул Вехаб. Ги има во сите земји на Западен Балкан“, вели публицистот кој го следи третманот на селефиите во медиумите во БиХ.

„Известувањето во медиумите има речиси секогаш негативна конотација. Од друга страна, она што им се забележува на селефиите не е нивната милитантност, туку еден вид насилна аргументација која тие ја користат од самиот почеток. Имено, тие доктринарно сметаат дека начинот на којшто тие гледаат на исламот и начинот на којшто тие го проповедаат исламот е единствено исправен“, вели Марко.

Селефиите следат една, ИВЗ во БиХ следи друга школа

Во БиХ е доминантна ханефиската правна школа, или месхеб, додека селефизмот се заснова врз теолошки радикална интерпретација на друга школа - ханбелиската.

Екрем Туцаковиќ, шеф на службата за односи со јавност на Ријасетот на Исламската верска заедница во БиХ вели дека „Исламската заедница во повеќе наврати ја разгледувала оваа проблематика и инсистирала на примена на традицијата, на нашето искуство, на искуството на воспитно-образовни установи и институционално организирање на водството и одговорноста за исламот и за муслиманите на овој простор“.

Sabin Smajlovic und Senad Alic
Сабин и Сенад: „Тој што прави зулум е човекот, а не исламот“Фотографија: DW

Селефиите размислуваат поинаку. „Исламската заедница има една грешка. Таа се обидува да биде монолитна, не пружајќи никаков плурализам во сопствената заедница. Самиот ислам, пак, е отворен, тоа е куќа со четири страни“, го објаснува сликовито Сабин несогласувањето со институционалното толкување на верата од страна на Исламската заедница.

На наредната страница: Непознавањето сее страв

„На патот“

Јасмила Жбаниќ е автор на филмот „На патот“, љубовна приказна во која главниот јунак станува селефија, која ќе биде прикажана на Берлиналето. Основните информации ги имала од медиумите, а тоа се „недовербата и мала доза страв“. Потоа почнала постепено да ги запознава нивните животни приказни: „Тие приказни обично се врзани за воени трауми, за прашање на идентитетот. Меѓу нив има и луѓе кои биле наркомани, алтернативци, луѓе кои барале нешто поинакво од она што им го нудел системот.“

Граѓаните имаат различни мислења. Дел од нив вели: „Не би зборувал за тоа.“„Ме потсетуваат на терористи.“„Не знам доволно за нив и за начинот на којшто се презентираат. Таа таинственост ме плаши.“

Има и такви кои тврдат дека им завидуваат на селефиите на нивната цврста вера и дека тие „го зазеле просторот којшто Исламската верска заедница го напуштила“.

Moschee Sarajevo Flash-Galerie
Џамијата „Крал Фахд“ во СараевоФотографија: DW/Huseinovic

Непознавањето сее страв

Селефиите кои се карактеристични поради изгледот и начинот на клањање, се предмет на развивање различни стереотипи, вели публицистот Давор Марко. „Се смета дека луѓето што носат долги бради и скусени панталони, одат во џамијата на кралот Фахд во Сараево едноставно поради тоа што за тоа добиваат некакви пари. Дури и жените се покриваат во целост, кои носат никаб, исто така добиваат некаков паричен надомест. Тоа е работа за која се зборува, но не е проверана“, вели Марко.

„Луѓето што не го познаваат она за што зборуваат, на тоа гледаат со страв“, тврди Сабин. „За да не‘ запознаат, мораат да ја познаваат и оваа тема“, вели тој.

„Претставувајќки ја својата верзија за исламот како древна, чиста, нерасипана порака, селефиите сакаат да ја наметнат својата строга вера и толкување, кои не ги делат и останатите сунити и шиити ширум светот“, пишува во книгата “Несвета војна“ на професорот Џон Л. Еспозито. Очигледно - недоразбирањата нема да исчезнат.

Автор: Мирсад Чамџиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска