Кога читателите спроведуваат насилство над новинарите
8 февруари 2013Кога мислењето за хрватските новинари би се формирало исклучиво врз основа на читателските коментари под текстовите на интернет-порталите, би се помислило дека се работи за неписмени луѓе со сомнителни намери и со уште посомнително минато. Вулгарноста, навредите, клеветите, па и говорот на ормаза, се сосема вообичаен начин на комуникација на читателите на порталите, како со новинарите, така и меѓусебно. Притоа, ништо необично не е наводна неписменост на новинарите да им забележуваат токму читателите кои, на пример, само „на тепка“ ги употребуваат дијакритичките знаци (како č, š, ž, н.з.), а речиси секоја расправа се сведува на судири од поновата историја, со определба на националната припадност, идеолошко етикетирање и прашања од типот - каде беше за време на татковинската војна?
Во борбата за секој клик, издавачите не можат да се одречат од читателите коментатори кои придонесуваат за збогатување на статистиките за посетата на порталите, но притоа чинат малку за заштита на достоинството на своите новинари. Се бришат само пожестоките навреди и изнесувањето приватни податоци, додека насилниците речиси секогаш остануваат неказнети. Во такви случаи дури неретко има и закани со тужби поради наводно кршење на нивните „демократски права и слобода на говор“.
Коментарите како израз на општествените фрустрации
Некогашната главна уредничка на „Вечерњи лист“, сегашна блогерка, Ружица Циглер, за ДВ објаснува дека некои читатели само сакаат да го прокоментираат прочитаното, додека некои по пат на коментарите сакаат да станат дел од јавната сцена. „Дури некои од нив имаат потреба да се докажуваат и да им конкурираат на професионалните новинари. Зошто? Одговорот на тоа прашање нека го даваат психолозите и социолозите, а ние новинарите од пракса знаеме дека зад нашите текстови се нижат главно негативни коментари кои настојуваат да ја омаловажат новинарската работа, а често има и навреди“, вели Циглер, која е уверена дека простачкиот и навредлив стил не произлегува од менталитетот, како што тоа некои сакаат да го објаснат, туку од незадоволството со себе, со блиските и со општеството воопшто. Најголем дел од читателите е фрустриран од економската криза, а има и онакви кои за своите фрустрации можат да им заблагодарат на прецврстите врски со политичките опции.
„Дел од нашиот менталитет е мрморење поради се‘ и сешто, но мрморењето поради кризата очигледно го заменуваме со простотилак и навреди“, вели Циглер, која во директна телефонска и пишана комуникација со читателите ретко доживува навреди, затоа што, како што е уверена, тоа се сепак канали на комуникација кои оневозможуваат целосна анонимност. „Со коментарите на мојот блог веќе имам поинакво искуство. Тие се ’похрабри’ во обидите за навредување или во чистите навреди. Настојувам да ги насочам кон дискусијата и тоа ми успева донекаде на определено време, а потоа повторно ќе се најде некој ’лукав’ коментатор кој сака да протурка навреда“, вели Циглер.
Колегите новинари, и покрај годините искуство што ги имаат, не се имуни на такви навреди и неаргументирани критики од страна на читателите. „Рака на срце, новинарите имаат завидна доза суетност, па реагираат и на понекогаш добронамерна критика. Генерално, новинарите знаат дека живеат од читателите и често на навредата само одмавнуваат со рака. Но, има и такви навреди кои загрижуваат и фрустрираат“, објаснува Циглер, која е уверена дека тонот на читателските коментари би се променил кога самите автори би се „одрекле од комоцијата“ и би се вклучиле во расправата под своите текстови.
„Каде беше 1991-ва?“
Извршниот уредник на порталот Net.hr, Далибор Добриќ, меѓутоа, отфрла секаква можност за расправа со непријатните читатели. „За жал, дел од коментаторите на форумите и под текстовите се лица со кои е невозможна рационална, аргументирана расправа. Тоа малцинство ќе ве повлече на свое рамниште и ќе ве дотепа со искуство!“ Тој во разговор за ДВ признава дека му пречат неаргументирани напади, но дека не им придава преголема важност.
Му пречи, како што вели, и кога ќе сфати дека луѓето воопшто не го прочитале текстот, туку само насловот и кога коментираат само врз основа на тоа. „Покрај тоа, неверојатно е колку луѓе сакаат да му кажат некому дека е глупав, а притоа да не чувствуваат потреба да го изнесат својот ’паметен став’ кој потоа би го оцениле другите коментатори“, раскажува Добриќ, кој има подготвен одговор и за оние кои прашуваат каде бил во воената 1991 година. „Е па, во 1991 година само што завршив основно училиште, ако е тоа некакво оправдување што не сум бил во војната“, им одговара тој.
За да ги заштити своите новинари од лични напади, Net.hr оневозможи коментирање на колумните. Тоа во мал број текстови го стори и порталот на „Вечерњи лист“. „Колумните се изнесување мислење на авторот, па сметаме дека нема смисол ’коментирање на коментарот’“, објаснува Добриќ.
Разбирање не значи и оправдување
Психијатарот Ненад Хорват од Општата болница во Вараждин тврди дека дел од бруталноста на коментарите од кои, како што вели, избива омраза, злоба и фрустрација, можат да се припишат на општествениот контекст, но тој не мисли и дека објаснувањето треба да биде оправдување. „Сепак мислам дека поголем дел од фрустрацијата живее во самата личност, а не надвор од неа. Има луѓе кои никогаш нема да бидат задоволни, што и да се случи. Постојат и такви кои никогаш не се жалат и трпеливо поднесуваат се‘. Првите одвај чекаат можност за да се ’истресат’ на некого. Порталите за тоа се идеална прилика.“
Хорват напоменува дека тактиката е одамна јасна - кога не можеш да ги побиеш фактите, нападни го оној којшто ги изнесува. „Дали потоа им е подобро? Се сомневам, зашто често ќе се најде некој што ќе ги ’изриба’, а ако и не се најде, во нив останува чувството на беспомошност зашто не го рекле она што мислат дека требало да го кажат“, вели психијатарот.
Притоа, тој не го доведува во прашање фактот дека се работи за повеќеслојно насилство над новинарите. На примерот на коментар во кој читател ја негира писменоста на новинарот, а притоа му доделува идеолошка и национална припадност, Хорват објаснува дека коментаторот всушност се декларира себеси и својот став и се обидува да ги дискриминира и понижи лицата со спротивно мислење или потекло. Во стварноста најверојатно се работи за „страшливец кој од својата глувчешка дупка се крие зад сигурноста и анонимноста на медиумите - портали, форуми или социјални платформи.“
Злобен коментар како потврда на коректноста на текстот
Хорват вели дека и сам понекогаш се вклучува во такви расправа и радо користи сарказам. „Меѓутоа да се изложи на потсмев нечија заблуда или глупост е едно, а да се нафрлите на некого како личност е нешто сосема друго.“
Новинарите, како што оценува психијатарот Хорват, се навикнувааат на ваков вид напади. „Новинарската професија е таква - јавна, изложена на очите на сите, на добрите и на злите, на паметните и глупавите“, вели тој и наведува дека тој понекогаш добива злобни коментари на своите објавени текстови, но тоа, според него, е знак дека чепнал токму таму кадешто му била целта. „Мене тоа не ме навредува, затоа што знам дека тој коментар не зборува ништо за мене, а многу говори за коментаторот. Во глава секогаш ми е познатата мисла - никој не може да те направи толку глупав колку што можеш да се направиш самиот.“