Кога фудбалот ќе стане споредна работа
4 септември 2017Победата на Германија над Чешка во петокот вечерта беше засенета од навредливи песни и нацистички слогани од трибините. Што точно се пееше во Прага, од кого и зошто? Тренерот на германската репрезентација, Јоаким Лев, се осврна на незгодните инциденти кои ја засенија победата од 2:1 на неговиот тим против Чешка во квалификацискиот натпревар во петокот.
Германски навивачи го прекинаа едноминутниот молк, пеејќи навредливи песни за напаѓачот Тимо Вернер и извикувајќи нацистички слогани во Еден Арената. По финалниот свиреж, германските фудбалери одбија да им пристапат на своите фанови, наместо тоа исчезнаа во тунелот кон соблекувалните.
Откако првично на прес-конференцијата по натпреварот во Прага во петокот тврдеше дека не ги слушнал навредливите песни, Лев на средбата со новинарите пред решавачкиот натпревар против Норвешка експлицитно ги осуди.
„Тимот испрати вистински сигнал со тоа што не ја славеше победата со навивачите", рече тој. „Ние не ги сакаме овие хулигани, тие не се наши навивачи".
Инцидентите во Прага се поврзани со бројни социјални и политички прашања во германскиот фудбал, вклучувајќи ја и перцепираната прекумерна комерцијализација и десничарскиот екстремизам.
Анти-ДФБ слогани
Пред започнувањето на натпреварот, едноминутниот молк за двајцата починати поранешни чешки играчи беше нарушен од страна на германските навивачи со извиците „Шајс ДФБ" ( „Лајнарски ДФБ“). Тоа претставува продолжување на актуелните протести на навивачите на национално ниво против Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ):
Ова беше првпат да се слушнат вакви песни од навивачите на меч на националната фудбалска репрезентација, натпревари на кои ретко се присутни ултра-десничарски навивачи кои често имаат мал интерес за меѓународниот фудбал.
Навредливи песни за Тимо Вернер
Напаѓачот на РБ Лајпциг, Тимо Вернер, во минатата сезона стана цел на навредливи песни од некои навивачи откако нечесно се обиде да издејствува пенал на натпреварот во Бундеслигата против Шалке.
Но, Вернер не беше само некој напаѓач кој се обидел нечесно да издејствува пенал за својот тим - тој го направи тоа за РБ Лајпциг, клуб поддржан од Ред Бул франшизата која многу фанови ја поврзуваат со прекумерна комерцијализација на овој спорт. За оние навивачи кои се противат на Ред Бул, Вернер стана стана целна личност на омраза.
Нацистички извици
Додека извиците и песните насочени против ДФБ и Вернер влечат корени од тековните протести и актуелното расположение, други песни и слогани кои некои германски навивачи ги пееја и ги извикуваа во Прага предизвикаа бес поради друга причина.
Патувачката навивачка поддршка на германската репрезентација веќе долго време содржи мал број на десничарски фудбалски хулигани и нео-нацисти. Со оглед на тоа што им е забрането да присуствуваат на домашни натпревари, тие сакаат да ја искористат поголемата сцена што ја нуди националниот тим како платформа за да ги искажат своите ставови.
На Светското првенство во Франција во 1998 година, францускиот полицаец Даниел Нивел беше претепан до кома од страна на германските хулигани во Ленс. Во минатото лето, група десничарски германски хулигани отпатуваа на Европското првенство во Франција, каде што ги нападнаа украинските навивачи во Лил и развеаја знаме на вооружените сили на Кралството на Германија од 1921 година.
Во петокот вечерта во Прага, како што се приближуваше финалниот свиреж, традиционалните извици на германските навивачи за победа: "Зиг!" беа придружувани со повторување на „Хајл!" од страна на околу 200 неонацисти.
Со оглед на географијата, натпреварите на Германија во Источна Европа се особено проблематични поради близината на источна Германија - каде што десничарските политички партии, како што е Алтернатива за Германија, уживаат значителна поддршка, а десничарскиот екстремизам е поизразен.
Апели пред мечот со Норвешка
Во меѓувреме германската репрезентација како и весникот Штутгартер цајтунг апелираа до навивачите да се воздржат од извикување на погрдни слогани и навредувачки песни за време на денешниот натпревар против Норвешка во Штутгарт. И навистина е малку веројатно дека нео-нацистичката клиентела од петокот вечерта ќе се појави и во Штутгарт, со оглед на потемелната контрола на продажбата на картите.
Меѓутоа локалните навивачи на бундеслигашот Штутгарт се исто толку критични кон ДФБ како и во другите градови а исто така е малку веројатно дека тие му подготвуваат топол пречек на поранешниот играч на нивниот клуб-Тимо Вернер.