Кога осудата на Израел станува анти-семитизам?
23 јули 2014„Берлинската полиција отстапува пред омразата кон Евреите“, тврдеше берлинскиот весник „Тагесцајтунг“ во наслов кој беше широко споделуван на социјалните мрежи. Во текстот се наведува дека група Арапи на последните демонстрации извикувале „Евреи- страшливи свињи“, но полицијата не реагирала.
Во многу европски градови, она што започна како мирен протест се претвори во бран на анти-Еврејски сентимент и насилство врз контра-демонстрантите. Состојбата особено се заостри во Франција каде имаше жестоки судири пред синагогите. Во Германија, властите отворија истрага против муслимански свештеник, кој за време на молитва повикуваше да се убијат Евреите.
Омраза кон Израел
Израелскиот амбасадор во Германија, Јаков Хадас Ханделсман е загрижен поради инцидентите. „Ние немаме ништо против демонстрации или слобода на изразување- тоа е основата на демократијата. Но кога, како што се случи викендов, тоа води кон насилство кон полицијата или против про-израелските демонстранти, тогаш е неприфатливо. Германците треба да бидат загрижени особено затоа што се слушаат и слогани како 'Гас за Евреите'“, вели Хадас-Ханделсман. Политичарите од сите партии во Германија ги осудија настаните, но германската влада во моментов не гледа причина да го вклучува алармот.
Конфликтот во Газа го предизвика јавното мислење во Европа и носи омраза кон Израел и во Германија, смета политичкиот аналитичар Штефан Григат.
„Не ви се потребни големи познавања за да сфатите дека се работи за анти-семитизам во драстична форма која можела да се види на улиците во Германија пред 70 години“, вели тој. Григат, кој предава на Институтот за еврејски студии во Виена, не е изненаден од последните настани во Германија. Потсетува дека масовни демонстрации имаше и при последните судири меѓу Израел и Хамас во 2012 година.
„Разликата е во тоа што тогаш се работеше за левичарски протести на кои се изразуваше остра и често несоодветна критика кон Израел“. Овојпат, според експертот, повеќето демонстранти се дел од исламски групи. „Многу од учесниците искажуваат отворена поддршка за Хамас, Хезболах или Исламски џихад“, вели тој. Уште еден нов фактор во демонстрациите е „отворената агресија“ и фактот што се мобилизираат илјадници луѓе за кусо време. Секој кој демонстрира на улиците во знак на солидарност со палестинските жртви треба да се запраша зошто не го прави тоа и при други конфликти, вели Григат. „Треба да се постави прашањето зошто 200 мртви Палестинци се доволни за да излезат 10 илјади луѓе на улица, но никој не е заинтересиран што 100 илјади луѓе се убиени во Сирија“.
Каде е границата?
Жестока дебата се води и на социјалните мрежи. Многумина забележуваат дека кризата во Газа се користи за политички цели. „Кога бев против војната во Ирак, викав 'Сопрете ја војната во Ирак'. Доколку сте против војната на Блискиот исток зошто викате 'Смрт за Израел'?“, вели еден корисник на Твитер. Друг поставува поинакво прашање: „Во кој момент може ова да се нарече геноцид без да ве обвинат за анти-семитизам?“
Ролф Верлегер, Евреин и поранешен член на бордот на Централниот совет на Евреите во Германија, смета дека вината ја сноси актуелната израелска влада. Во интервју за Германското радио, тој вели дека Газа потсетува на огромен затвор и дека треба да биде дозволено луѓето да ја критикуваат израелската политика во Газа без да бидат прогласувани за анти-семити. Верлегер вели дека не може да разбере зошто германските политичари се воздржуваат од критики кон Израел поради историски причини. „Што имаат моите убиени предци заедничко со ова што денес се случува на Блискиот исток? Не можете да дозволите неправда поради ужасните нешта кои се случувале во минатото“, вели Верлегер.
Многу Германци се согласуваат со ова мислење. Последната анкета на магазинот „Штерн“ покажува дека половината од испитаниците подеднакво ги сметаат за виновни Израел и Хамас, но 86 проценти веруваат дека Германија не треба јавно да го поддржува Израел.