Кога вербалниот земјотрес е посилен од тектонскиот
26 јули 2022На 59-тата годишнина од разорниот скопски земјотрес му претходоше друг, не помалку разорен, и со афтершокови кои сѐ уште траат. Јавната расправа за францускиот предлог која заврши со негово прифаќање и почеток на преговори на РСМ со ЕУ, продолжи со бројни реакции на незадоволство, со тешки зборови во јавни настапи на политичари и професори, со навреди и клетви на социјалните мрежи и со упади во подотоци на Википедија ...
Како можноста за сериозна и аргументирана дебата и реакција - се сведе главно на навреди и говор на омраза?
„Дојдовме до ситуација да се создаде еден грчевит пејзаж, каде што официјалните извори се испомешаа со ставовите и толкувањата на граѓаните, медиумите, институциите, власта, новинарите, експертите, меѓународниот фактор, создавајќи мошне опасен коктел“, вели комуникологот и медиумски експерт, Марина Тунева.
„Некои видоа прилика и можност од општиот хаос и недостигот на доверба во информациите политички да ‘профитираат’. На јавна сцена дефилираа(т) разни експерти и аналитичари, од кои добар дел не го ни заслужуваат тој епитет. Јавноста, едноставно, се најде во ситуација да не знае кому да му верува. Евидентна е максималната поларизација, низ глорификацијата на одредени јавни личности и политичари, и силната демонизација на други. Во ова огромна улога, како и во бројни други околности, одиграа социјалните мрежи, како огромни машини за поларизација. На граѓаните им овозможија самите да си ги изберат своите извори на информации и да ги игнорираат оние што не се вклопуваат во нивните (пред)убедувања. А кога безрезервно се верува во она што се слуша, се создава голем простор не само за манипулации, извртување на вистината, говор на омраза, туку и за едноумие и попречување на можностите за колективно разбирање. Тоа не е нова појава за ова наше поднебје“, вели Тунева.
За разликите мора да се разговара
И навистина не е. Слична беше атмосферата и по уставните измени за Преспанскиот договор, но во актуелниот момент изборот на „орудија“ станува сѐ поголем. Минатиот викенд на удар се најде и англиската страница на Википедија, каде на министерот за надворешни работи му беше приредена промена во персоналните податоци: од Бујар Османи - во „Бугар Османов“. Потоа премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски беа „почестени“ со навредливи имиња, а покрај името на премиерот беше ставен лански датум на смрт, како и опис дека е премиер на Бугарија.
Актуелната ситуација, како и многу други претходно, според Тунева, се ужасно добар посетник и лекција за последиците од непланираната комуникација.
„Тие последици се јавна конфузија, хаотичност, недоразбирање, поделби, сериозни грешки. Верувам дека луѓето од целиот политички спектар се согласни дека власта и институциите мора да бидат отворени, транспарентни и да реагираат. Во едно слободно општество, императив е да има информирано граѓанство. Владата треба да работи за граѓаните, навремено да им каже што се случува, да знаат што се прави во нивно име. Достапноста на информации од јавен карактер не е политичко прашање, ниту е лево, ниту е десно ориентирано. Кога се зборува за транспарентност, не се зборува за политика, туку се зборува за добро владеење“, посочува Тунева.
Според неа, сѐ ќе било поинаку ако навреме била креирана стратегија и пристап за обелоденување на потребните информации во форма што јавноста можеше лесно да ги најде и користи, но во исто време и да се побара повратна информација од јавноста. Со тоа би се избегнало создавање на амбиент со мноштво дезинформации и шпекулации, каде што метриката на релевантност се „лајковите“, и споделувањето содржини, кое стана поважно од самата реалност.
„Кога луѓето се поделени на, условно речено, два блока, политичарите прават една кардинална грешка, а тоа е засилување на непријателството кон нивните партиски противници. Забораваат дека демократијата претпоставува политичко несогласување и политички поделби. Одговорот кон поларизацијата не смее да вклучува повици за едногласност или напуштење на партиските ривалства. Ниту, пак, смеат да се преправаат дека поларизацијата не се случила или, пак, дека е мала грижа, особено кога таа ‘се гледа од авион’. Едно плуралистичко општество може да напредува ако луѓето со различни вредности и верувања успеваат да разговараат за разликите“, вели таа.
Заборавено помирување
Последиците од иницијалната нетранспаретност и несоодветната расправа околу разликите, резултираше со навреди, ширење говор на омраза и повици за линч. Во многу случаи јавноста и не може да направи разлика што е навреда, а што говор на омраза, но јасно е дека и двете категории не водат кон релевантна дебата, туку кон нови поларизации. Како да се излезе од ситуација во која се брише границата меѓу аргументот и навредата и се храни омразата и хаосот? На ова прашање нема конкретен одговор. Во моментов, не се видливи ни политички ни општествени напори темата да се врати во коритото од кое е излеана, ниту да се најде начин во кој ќе се разговара со студена глава и без високи децибели.
Администраторите на Википедија од страницата ги отстранија навредливите зборови, Секторот за компјутерски криминал при МВР истражува кој ги пишувал навредливите содржини за дел од државниот врв, но ако „војната“ продолжува и надвор од „слободна енциклопедија“, дали е тоа сѐ што е можно и неопходно?
Процесот на помирување беше една од клучните заложби на владата на Заев, замислена најпрвин да почне меѓу навивачките групи. Но тоа не само што не се реализираше, туку сега и целокупната јавност е поделена во своевидни „навивачки групи“. Нештата би биле полесни, ако во нивниот инструментариум имаше повеќе говор на разбирање отколку говор на омраза.
И додека јавноста стравува дека преговарачката рамка за РСМ овде ќе резултира со пријави и санкции за говор на омраза кон источниот сосед, министерот за правда Никола Тупанчевски во интервју за РСЕ потсети дека најновата измена на Кривичниот законик во член 426, (која се однесува на предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа), не може да се поврзува само со билатералниот протокол потпишан со Бугарија.
„Ние имаме национално сопствено законодавство каде што прецизно го имаме дефинирано поимот говор на омраза. Тоа значи дека доколку има прекршување на она што се нарекува позитивно право, тогаш ќе зборуваме за говор на омраза без некакви дополнителни елементи или сегменти“, рече Тупанчевски.