1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Русија сака конфликти на Балканот

ЕМФ
13 април 2022

Дали македонскиот премиер Ковачевски е загрижен дека Северна Македонија би можела да се најде на менито на Кремљ? Еве што одговара тој меѓу другото во интервју за весникот „Ди Пресе“:

https://p.dw.com/p/49tKF
Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Колку е македонскиот премиер радосен, на скала од 1 до 10, што Северна Македонија е членка на НАТО, прашува на почетокот на интервјуто со премиерот Димитар Ковчевски, весникот „Ди Пресе“. Ковачевски одговара - 10, и образлага зошто: 

„Неиспровоцираниот напад на Русија врз Украина докажува дека членството во најголемиот светски одбранбен сојуз НАТО, е од огромно значење за секоја членка. Ние сме мала земја. Нашата безбедност ја гарантираат сите членки на НАТО. Тоа има многу позитивни последици за нашето општество - исто така и за нашата економија. Затоа што странските инвеститори, особено оние од инфраструктурниот сектор, знаат дека се во безбедна земја, заштитена од НАТО.“

Цитирајќи ја естонската премиерка Каја Калас дека „апетитот на Путин се зголемува со јадењето“, весникот го прашува Ковачевски дали е загрижен дека Северна Македонија би можела да се најде на менито на Кремљ. Ковчевски одговара:

„Западниот Балкан отсекогаш бил од интерес за Русија. Нејзиното влијание преку медиумите, како и преку некои политички партии, беше секогаш присутно. Таа има интерес од замрзнати конфликти на Балканот, кои им оневозможуваат на земјите да го изодат својот пат кон евроатлантските интеграции. Такви проблеми имаме и во Северна Македонија.“

Во врска со дезинформациите и од каде тие доаѓаат во земјата, македонскиот премиер во интервјуто со наслов „Русија сака конфликти на Балканот“, вели:

„Тие потекнуваат од трети земји кои не сакаат оваа земја да напредува и да се развива. Ова е јасно финансирано од Русија. Затоа членството во ЕУ е наша стратешка цел. Тоа нуди слобода на критичко размислување, социјална правда и економски просперитет. Тоа го сакаат луѓето во Северна Македонија и во регионот.“

Во вториот дел од интервјуто, дадено на крајот на март, Ковачевски зборува и за патот кон ЕУ и ветото на Бугарија, и потенцира дека работите зависат од ветото на Софија и од тоа кога тоа ќе биде повлечено. Околу односите со новата влада во Софија, Ковачевски, меѓу другото, вели:

„Пред промената на владата односите беа многу лоши. Со новиот бугарски премиер Кирил Петков постигнав согласност уште од првиот ден отворените политички проблеми да се решаваат врз база на европските вредности, меѓусебна почит и достоинството на граѓаните на двете земји. По два месеца гледаме дека комуникацијата е попозитивна. Не знам кога можеме да објавиме дека е постигнат договор, но почетокот на преговори за членство би бил позитивен пример за другите земји во регионот дека една земја која мина низ процес на промени, која имаше конфликт во општеството, има шанса. Уверен сум дека би можеле брзо да се интегрираме - не заборавајте дека сме кандидат за членство 17 години.“

- повеќеСеверна Македонија протера уште пет руски дипломати

Македонскиот премиер во интервјуто за „Ди Пресе“ оценува и дека почетокот на преговорите за членство во ЕУ е „геостратешко безбедносно прашање, зашто тоа би ја променило реториката во земјата и драматично би го намалило влијанието на трети држави во земјата, на популистички маргинални групи и партии кои се јасно финансирани од Русија“.