1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски: Не е време за избори

ДТЗ
7 февруари 2022

До изборите во 2024 година, премиерот смета дека партиите имаат време да постигнат консензус за укинување на „пржинската влада“ и за изборниот модел.

https://p.dw.com/p/46dNd
Nord-Mazedonien Skopje | Neue Regierung | Premierminister Dimitar Kovacevski
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

„Не е време за избори, туку за справување со здравствената и енергетската криза и за развој на економијата“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од Штип.  Според него, избори ќе има, но редовни во 2024 година, до кога сите политички партии имаат време да постигнат консензус за укинување на „пржинската влада“.

„Во моментов државата се соочува со неколку големи предизвици, а тоа е прво справувањето со здравствената криза, справувањето со енергетската криза. Имавме и справување со топлинската криза во Градот Скопје, а исто така имаме и отворен процес, активен, на разговори со нашиот сосед со Република Бугарија со цел одржување на прва меѓувладина конференција“, вели Ковачевски. Тој смета дека прашањата коишто не се во насока на решавање на најголемите предизвици само се дефокусирање од проблемите со коишто се соочуваат граѓаните. 

Потребен е договор за укинување на „пржинската влада“ 

Тој го коментираше и барањето на опозицијата за распуштање на „пржинската влада“. Вели дека за укинување на Пржинската влада потребен е политички договор, а не еднострано барање на една партија. 

„Барањето на опозицијата за распуштање на пржинската Влада само потврдува дека СДСМ ја врати довербата и создаде услови за слободни и демократски избори“, вели Ковачевски. Според него, Договорот од Пржино е одобрен со консензус на четирите најголеми политички партии во земјава, па и неговото укинување мора да се направи со консензус меѓу најголемите политички партии во земјава. 

„Во барањето на опозицијата за распуштање на пржинската Влада стои дека имаме демократски амбиент во државата, кој не постоел во времето кога се формираше пржинската влада, во тоа време имавме заробена држава, каде што администрацијата и државата. Апаратите се користеа за партиски цели, медиумите не беа слободни да си ја вршат работата, а денес сите медиуми се достапни за сите политички чинители, без разлика на позиција или опозиција“, вели Ковачевски. .

Консензус за изборниот модел 

Во врска со прашањето заедна изборна единица, премиерот вели дека СДСМ е за вакво решение, но измените на Изборниот законик со кој се регулира ова прашање, секогаш се носеле со консензус на партиите.

„Ние сме политичка партија која што прва го поддржа концептот на една изборна единица и преку тоа го поддржавме и барањето на помалите политички партии кои се дел од коалицијата заедно со СДСМ. Но, веќе видовте дека дел од политичките партии излегоа со свое гледање за тоа како треба да изгледа изборниот модел“, вели Ковачевски. Неговиот став е дека  изборните модели мора да бидат правени низ широка расправа преку работни групи кои ќе вклучуваат претставници на политичките партии, на ресорните министерства задолжени за изготвување на изборниот закон, како и експерти, вклучително и експерти од ОБСЕ/ОДИХР.

На таков начин ќе се дојде до Изборен законик кој на најдобар начин ќе ги отсликува заложбите на политичките партии во државата, барањата на граѓаните, но и ќе може да гарантира фер изборен натпревар и резултати. Со оглед на тоа што избори ќе има во 2024 година, Ковачевски смета дека има доволно време да се формираат работни групи кои ќе работат на ова решение.