1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Коби Брајант: Живот дефиниран од напорна работа

БГ /АП
27 јануари 2020

Кошарката беше негова опсесија цели 20 години во НБА. Раскажувањето приказни стана неговата опсесија до крајот на животот. Коби Брајант загина со неговата ќерка во хеликоптерска несреќа во близина на Лос Анџелес.

https://p.dw.com/p/3WrGt
USA Basketball Los Angeles Lakers Kobe Bryant
Фотографија: Getty Images/H. How

Беше 14 април 2016. Тоа беше првиот ден од новото поглавје на Коби Брајант како пензиониран НБА играч. Претходната ноќ, неговата последна во лигата, ја мина постигнувајќи вртоглави 60 поени, и остана во Стејплс центарот до полноќ.

Вработените во Коби Инк., беа сигурни дека ќе стигнат пред својот шеф на работните места следното утро. Погрешна проценка. Стигна два часа пред сите. „Имаме многу работа“, им порача Брајант. Дури и во пензија, Брајант не знаеше да најде замена за напорната работа.

Коби Бин Брајант беше многу нешта: еден од најдобрите играчи во историјата на кошарката, петкратен НБА-првак, освојувач на златни олимписки медали, човек кој течно говореше повеќе јазици, граѓанин на светот, добитник на Оскар, само-опишана Црна Мамба, беше толку добар што ЛА Лејкерс заедно со него во пензија испратија и два негови броја.

И никогаш не застана. Кошарката беше негова опсесија цели 20 години во НБА. Раскажувањето приказни стана неговата опсесија до крајот на животот. 

USA Trauer für Kobe Bryant im Staples Center
Лејкерси ги „пензионираа“ двата броја кои ги носеше Брајант во текот на својата кариераФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Sayles

Нема предавање

Солзите, како и што се очекуваше по веста за неговата смрт, потекоа низ целиот НБА свет. И не само во него. Леброн Џејмс не можеше да се помири со веста, само еден откако го надмина Брајант на третото место на листата на најдобри стрелци во историјата.

Док Риверс се мачеше да ги изрази чувствата во зборови. Дури и на вообичаено цврстиот Кавај Ленард му се насолзија очите додека зборуваше за Брајант.

Болката беше очигледна насекаде: Ѕвездата на женскиот тим на Орегон, Сабрина Јонеску не можеше да ја сокрие болката изјавувајќи дека ја посветува сезоната во сеќавање на Брајант, фудбалската ѕвезда Нејмар му испрати последен поздрав со бројот „24“ по постигнатиот гол за ПСЖ.

Елитните спортисти, оние како Џејмс и Ленард и Јонеску и Нејмар, беа како Брајант. Одлучни. Речиси опсесивни со она што го прават. Токму со такви луѓе Брајант најмногу уживаше. Немаше многу трпение за ништо друго.

Неговите соиграчи никогаш не беа поштедени од неговите критики, дури ни Шекил О’Нил не можеше да ги избегне судирите со Брајант. О’Нил беше 20 сантиметри повисок и веројатно 100 килограми потежок од Брајант. Неважно. Брајант сакаше физички да се пресмета со него на еден тренинг. Тоа и се случи. 

BG Kobe Bryant | Kobe mit seiner Tochter Gianna (2019)
Коби Брајант и 13-годишната ќерка Џана која загина со него во хеликоптерската несреќаФотографија: Reuters/USA TODAY Sports/S. R. Sylvanie

Неговата цврстина беше легендарна; Брајант ја искина Ахиловата тетива во 2013 година на меч против Голден Стејт кој беше многу важен за пласман во плеј-офот. Претходно на истиот меч го истегна и коленото, но продолжи да игра. На крајот, остана во игра и со искината Ахилова тетива за да ги изведе двете слободни фрлања. „Губевме со два разлика. Морав да изедначам“, изјави по мечот, иако знаеше дека сезоната за него е завршена.

Неговата посветеност беше легендарна: по еден меч во Мајами во 2011, во кој неговите Лејкерси загубија со 6 разлика, Брајант беше толку незадоволен од својата игра што се врати во салата и 90 минути шутираше на кошот, сѐ до полноќ. Неговите соиграчи одамна беа заминати на вечера. „Тоа ми е работа“, изјави потоа.

Неговата агресивност беше легендарна; за време квалификацискиот меч против Бразил во 2007, Брајант беше налутен од однесувањето на противничките играчи, па одлучи да го чува бекот на Бразил, Леандро Барбоса, кој дотогаш беше водечки стрелец на турнирот. Барбоса едвај постигна еден кош на целиот меч. САД победија со 37 поени разлика. „Едно е да ја гледаш големата бела ајкула, а друго е да скокнеш во вода со неа“, им рекол Брајант на соиграчите.

Играше во Лос Анџелес, но беше ѕвезда насекаде. На Светското првенство во кошарка минатата година, Брајант седна во првиот ред на еден од клучните натпревари. Кажа неколку зборови на мандарински и навивачите во Пекинг го поздравија со поголем врисок дури и од нивната најголема ѕвезда Јао Минг.

USA Oscar-Verleihung 2018 |  Best Animated Short Film Dear Basketball | Kobe Bryant
Брајант доби Оскар за најдобар кус анимиран филм во 2018 годинаФотографија: Reuters/M. Blake

Новата опсесија

Ѝ беше посветен на новата професија на раскажување, исто колку што ѝ беше посветен и на кошарката во играчките денови. Коби Инк. не беше само откачено име, тоа беше неговиот свет. Сакаше да ги инспирира децата преку книги кои ги комбинираа светот на спортот и фантазијата. Размислуваше да ги понуди своите приказни и на Бродвеј. Доби Оскар за кусиот анимиран филм „Драга кошарко“ во 2018 кој се базираше на песна која ја напиша кога одлучи дека е време за пензија.

Изработи подкаст за деца и семејства, но во нив не се појавуваше тој, туку специјално дизајнирани ликови кои зборуваа за тоа како да се биде добар соиграч. Започна специјално шоу наречено „Детал“, во кое до подробност ги анализираше финесите на кошарката, а ангажираше познати ѕвезди и во други спортови да го прават истото.

Не се шегуваше кога на своите вработени на 14 април 2016 им порача дека Коби Брајант има уште многу работа пред него. Само што почнуваше. А сега го нема.

Последните поздрави и изразите на почит ќе продолжат, иако со текот на времето ќе спласнат. Но неговото дело ќе остане засекогаш.