Коалициски спор за извозот на оружје
29 јули 2014Тоа беше јасен знак во насока кон коалицискиот партнер. Сојузниот германски министер за економија Зигмар Габриел, кој е од СПД, има „непопустлив став дека политиката за извоз на оружје не смее да биде никаков инструмент на економската политика“, рече неговиот портпарол Тобијас Диноу. Со тоа тој се осврна на критиките кон вицеканцеларот од страна на ЦДУ и ЦСУ.
Позадината на ова е воздржаната пракса на Габриел за одобрение на извозите на воена опрема. Шефот на ЦСУ Хорст Зехофер минатиот викенд остро го критикуваше претседателот на СПД Зигмар Габриел. Без концепција и јасен компас ова води кон фактичко запирање на извозите на оружје, изјави баварскиот премиер за „Велт ам зонтаг“. Тој го обвини Габриел за заострување на проблемите во воената индустрија и побара да се земат предвид безбедносните и економски интереси.
Во интервју за АРД Габриел потсети дека во коалицискиот договор стои оти можната загуба на работни места во воената индустрија не игра никаква улога при извозот на оружје и воена опрема.
Работните места се средство за притисок
За германската воена индустрија курсот на Габриел предизвикува грижи за загуби. Многу ЕУ и НАТО земји се борат со намалените буџети во одбраната. Нивната намалена побарувачка во најголем дел од случаите се задоволува од домашната воена индустрија. Затоа, извозите во земјите надвор од ЕУ и НАТО, таканаречените трети земји, носат значителен дел од приходите за многу претпријатија во воената индустрија. Повеќе од 60 проценти од воениот извоз во 2013 година отишол во трети земји, како што се Саудиска Арабија, Индонезија или Алжир. Тамошните испораки во секој случај се спорни, бидејќи е забранет извозот на оружје во кризни области или држави, кои потоа со тоа оружје би можеле да го стават под притисок сопственото население. Според мислењето на критичарите, тоа е случај во многу од третите земји.
Во овие земји не смее воопшто да се извезува, вели Габриел. „Тоа е можно кога ќе се дозволи исклучок поради посебни германски безбедносни интереси. Во минатото ЦДУ/ЦСУ и ФДП овој исклучок го направија правило“, смета Габриел.
Ако сега отпаднат големи делови од извозот наменет за трети земји, тогаш со тоа ќе бидат погодени вработените во воената индустрија. Критичарите на курсот на Габриел стравуваат за работните места во Германија. Кон нив спаѓа и баварската министерка за економија Илзе Ајгнер, која доаѓа од редовите на ЦСУ.
„Ако ние самите повеќе не развиваме системи и комплетно го ограничиме извозот, тогаш тоа ќе доведе до загува на работн и места. Тога за Баварија има многу големо значење“, рече Ајгнер. Таму е седиштето на многу фирми, кои директно или индиректно произведуваат оружје и воена опрема. Во ЦДУ/ЦСУ се стравува за околу 200.000 работни места, кои директно или индиректно зависат од воената индустрија.
Александер Ној, член на комисијата за одбрана од Левицата, критикува дека „во реалната политика одлучувачка улога при одлуката за овие извози без исклучок играат стратешките и економски интереси“. Неговата партија во основа се противи на извозите на оружје.
А, германската влада преку еден пример покажа дека испораките можат и да бидат запрени. Под мраз беа ставени испораките на фирмата „Рајнметал“ наменети за еден руски центар за воена обука. Тоа беше направено веднаш по почетокот на украинската криза.