Клинтон ја пофали Хрватска
1 ноември 2012Хрватска има голем потенцијал и САД се оптимистични во поглед на нејзината иднина, изјави во четврток американската државна секретарка Хилари Клинтон, на состанокот со хрватскиот премиер Зоран Милановиќ во Загреб. Клинтон го истакна големиот интерес на американските компании за инвестирање во Хрватска. Милановиќ и Клинтон разговараа за очекуваниот влез на Хрватска во Европската унија и за ситуацијата во регионот, при што хрватскиот премиер ја истакнал поддршката на Хрватска на сите земји аспиранти за влез во Унијата.
Клинтон е на турнеја низ регионот на Западниот Балкан, каде ги посети Сараево, Белград, Приштина и Тирана. Резултат од нејзината посета е и најавата дека српскиот премиер Ивица Дачиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи ќе седнат повторно на преговарачка маса на 7 ноември. Од српските власти се очекува да понудат одржлив модел за решавање на проблемот со паралелните институции на Косово, а Србија за возврат во декември би можела да добие условен датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Српскиот претседател Томислав Николиќ синоќа изјави дека во мандатот на актуелната влада мора да биде затворено косовското прашање, бидејќи, според него, Србија никогаш нема да има поповолна можност за тоа.