1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон - Трамп: дебата полна омраза

Инес Пол
10 октомври 2016

Доналд Трамп остана „кул“ и по објавувањето на презирачко кон жените видео, Хилари Клинтон не можеше да поентира од него, смета во својот коментар Инес Пол.

https://p.dw.com/p/2R421
US TV Debatte Trump vs Clinton
Фотографија: Reuters/R. Wilking

Во вториот директен ТВ-дуел меѓу двајцата американски претседателски кандидати содржината беше уште помалку во фокусот отколку во првиот дуел. Тоа синоќа беше чиста психолошка војна. Како би реагирал Доналд Трамп на објавувањето видео кое го претставува како мачо-тип кој чувствува презир кон жените? И што би направила Хилари Клинтон ако нејзиниот конкурент ја соочи со сексуалните злоупотреби за време на претседателската функција на нејзиниот сопруг?

Борбата синоќа започна уште пред фактичкиот почеток на телевизискиот дуел. Трамп еден час пред директниот ТВ-пренос набрзина свика импровизирана прес-конференција, на која поддршка му изразија четири жени, меѓу нив три кои го обвинуваат Бил Клинтон за извршено сексуално насилство врз нив.

Маневар за пренасочување на вниманието пред ТВ-настапот

Без сомнеж, целта беше неочекуван напад врз Хилари Клинтон. Тоа беше обид таа да биде краткорочно извадена од колосек, за да се обезбеди порамнување на позициите, откакоТрамп минатиот петок доживеа масивен пораз.Речиси морничаво делуваше и самото појавување во арената на брачните другари на двајцата учесници во дуелот. Меѓусебната омраза на двајцата при задолжителното ракување, можеше да се почувствува и преку екраните.

DW Mitarbeiterin Ines Pohl
Инес ПолФотографија: DW

Синоќешната беше вечер на презир и омраза. И додека мимиката и говорот на телото не оставаа никаква двојба во меѓусебната одбивност, двајцата кандидати беа толку контролирани, што не дојде до вербален инцидент, иако милиони луѓе потајно се надеваа на таа можност. Кај Хилари Клинтон тоа беше некако очекувано. Не само поради тоа што во долгогодишната кариера морала да преброди бројни ситуации кои налагаат исклучителна дисциплина. Меѓу другото, и поради тоа што нејзе ѝ е важна нејзината содржинска агенда, која сака да ја образложи при дебатите. Таа е неуморна во обидите на своите поддржувачи, но и на сеуште неопределените гласачи, да им објасни зошто е поквалификувана за претседател и со кои политички планови сака да влезе во Белата куќа.

Трамп без конзистенција

Тоа што таа не беше всушност во можност да го добие вториот дуел на ваков начин, може да се смета за неправедност. Нејзината победа беше единствено зависна од непристојно однесување на Трамп. А тој не направи испад. Се разбира, тој  на ниедно прашање не даде конзистентен одговор, за ниедно свое фалбаџиско ветување не можеше да понуди никаков план. Но, неговите убедени поддржувачи тоа нема да му го замерат. Тие ја споделуваат неговата јавно манифестирана омраза кон Хилари Клинтон. И дури и истапи како неговата изјава дека како претседател ќе ја стави Клинтон во затвор, ним им се допаѓаат. На секој предизборен собир на Трамп има безбројни маички токму со натписот: Хилари во затвор.

Но, Трамп доживеа пораз кај неопределните и независните, кои всушност ќе ги одлучат овие бизарни избори. Можно е Клинтон да ги убеди со своите прецизни образлагања и една нова топлина. Но, тоа не е онаа непобитна победа на која некои се надеваа. Спектаклот продолжува. Единствено добра вест од синоќешната вечер е тоа што 8 ноември е ден поблиску, а со тоа конечно и изборите.