Клинтон е исфрустрирана од босанските лидери
30 октомври 2012Хилари Клинтон вели дека „е целосно неприфатливо“ да се доведува во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и нагласува дека најдобриот пат кон нејзина стабилност е влез во ЕУ и НАТО.
„Сосема е неприфатливо да се констатира дека 17 години по крајот на војната некои го доведуваат во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна“, изјави денеска (30.10) Хилари Клинтон пред новинарите во Сараево, во пприсуство на шеф-дипломатот на ЕУ, Кетрин Ештон.
По разговорите со членовите на претседателството на БиХ, Клинтон рече: „Веруваме дека интеграција во ЕУ и НАТО дава најдобра можност за стабилност и просперитет“.
ЕУ и САД, според американската министерка за надворешни работи, имаат единствен став кога во прашање е напредокот на БиХ кон евроатлантските интеграции.
„БиХ треба да биде членка на ЕУ и НАТО. Тоа на земјата ќе и‘ даде посветла иднина, посебно на младите“, рече Клинтон.
Ештон, од своја страна, порача дека Босна нема време за губење: „БиХ нема време за трошење на непродуктивни разговори“, рече таа и додаде дека лидерите во Босна треба да разговараат околу подобрување на економските прилики.
Клинтон и Ештон во БиХ допатуваа синоќа. Тие попладнево се во Белград, по што заминуваат за Приштина, а за утре е закажана посета на Загреб. На крајот на турнејата на Балканот, Клинтон и Ештон треба да престојуваат во Албанија.