1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинезите доаѓаат во ЕУ „виа Бугарија“

Ралф Борхард / Елизабета Милошевска Фиданоска10 февруари 2013

БИД е веќе втор кинески автопроизводител кој инвестира во Бугарија. Во Бресник треба да се произведуваат БИД-електромобилите. За Бугарите тоа значи нови работни места. Кинезите гледаат подалеку - кон другите ЕУ-пазари!

https://p.dw.com/p/17Zz2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Жителите на Бресник се радуваат поради доаѓањето на Кинезите:

„Овде порано живееја пет илјади луѓе, но сега се се‘ помалку“, вели една жена, додавајќи: „Многумина мораат да одат во Софија да работат на дневница за да можат да си купат барем леб и да можат да ги платат сметките.“

Нејзин сограѓанин вели:

„Многу е добро што Кинезите инвестираат овде. Градот е сиромашен, работа му е потребна на целиот регион.“

Градоначалникот на Бресник Васил Узонов нагласува:

„Секој инвеститор кој создава работни места е добредојден. Како локација имаме две предности: железничката линија и близината до Грција и тамошните пристаништа.“

По Грејт Вол, БИД е втор кинески автопроизводител кој инвестира во Бугарија. БИД е кратенка за „Оствари ги своите соништа“. Кинезите во џоинт венчр со бугарското енергетско претпријатие Булминерал сакаат во Бресник да монтираат електромобили и електробуси.

Двете големи фабрички хали на периферијата на Бресник се се‘ уште празни. Едната е сосема нова, другата е реновирана, обоена во светлечка сина боја. Целата техника - лентите за производство, апаратите за тестирање, деловите - се во контејнери кои се на пат и чие пристигнување се очекува секој ден. Потоа се‘ треба да се одвива брзо. Производството треба да стартува на крајот на февруари, вели раководителот на Булминерал, Михаил Иванов.

„На почетокот ќе ги увезуваме сите делови од Кина и овде ќе составуваме. Среднорочно е предвидено и да произведуваме дел, како батерии и станици за полнење со енергија. Се надеваме дека бугарските автобуси за јавен сообраќај, кои се многу стари и насекаде го загадуваат воздухот, ќе можат да бидат заменети со електробуси. Се разбира, се надеваме и на порачки од други земји на ЕУ, од цела Европа.“

Elektroauto Denza Daimler BYD
Фотографија: Getty Images

Во Софија кинеско-бугарската трговска комора организираше голем прием. Кинескиот амбасадор Гуо Језу порано бил дипломат во Германија. Вели дека во полза на Бугарија како место на производство зборуваат не само ниските придонеси на плати за работниците:

„Географската положба, на пример, е нешто особено. Бугарија е членка на ЕУ. Луѓето овде се пријателски настроени кон нас, има добро квалификувани работници, ниски даноци. Тоа се работи што се атрактивни за Кинезите.“

Првиот кинески производител на автомобили кој инвестираше во Бугарија, Грејт Вол, има стратегија која сега ја следи и БИД - прво да се продава во самата Бугарија, потоа во соседните земји како Македонија, за да се приближи чекор по чекор до Германија.

„Ми беше речено дека, на пример, некој од Австрија има намера да увезува. Мој колега од Унгарија исто така ми раскажа дека некој е заинтересиран да ги увезува автомобилите во Унгарија“, раскажува Језу.

БИД сака да стане број еден во сферата на електромобили во Европа, но кинескиот амбасадор во Бугарија не сака да зборува за агресива политика на извоз. Ние сме партнери, нагласува тој:

„ЕУ е многу важна за Кина. ЕУ е клуб од 27 развиени земји, има многу искуство од кое Кина може да профитира. Ние можеме да учиме од тоа. Ние сме стратешки партнери. Ние сме практично осудени на тоа да бидеме партнери.“