China Immobilienblase
19 јули 2011„Балон со недвижности“ е термин најпопуларен минативе години во економските списанија, особено во врска со кризите во САД, Шпанија и Ирска. Во последно време тој се доведува во врска и со Кина. Кога на прегреаниот пазар се појавува балон или меур? Економистот и добар познавач на Кина, Маркус Таубе од универзитетот во Дуизбург, вели дека шпекулативниот балон или меур настанува кога „трошоците за набавка на недвижности се многу високи и ја надминуваат заработувачката од станарината, која може да се добие на среден рок“.
Милиони станови стојат празни
Експертите проценуваат дека во Кина празни стојат околу 64 милиони станови, поради што земјата би можела да се соочи со слична состојба како и САД во 2007 година, кога започна кризата на американскиот пазар на недвижности, што беше вовед во глобалната економска криза.
Според експертот Таубе, токму ваквата ситуација сега постои во големите кинески градови како што се Хангџу, Шангај, Шенџен и Пекинг, каде цената на метар квадратен станбена површина двојно се зголеми во периодот меѓу 2008 и 2010 година. Цените на недвижностите во Кина во 2009 година се зголемиле во просек за 25 отсто, а во 2010 за 18 проценти.
Како мерка за справување со глобалната финансиска криза кинеските власти во текот на 2009 година во оптек пуштија 460 милијарди евра, од кои голем дел отиде во инвестиции во секторот на недвижности, што го поттикна развојот на градежништвото. На тој начин градежништвото стана важен сегмент од кинеската економија, имајќи предвид дека во градежниот сектор се ангажирани меѓу 15 и 20 проценти од вработените Кинези.
Купувањето станови како национален хит
Со ова купувањето недвижен имот стана „национален спорт“ во Кина, па Кинезите купуваат по два или три стана, со надеж дека нивната вредност ќе продолжи да расте.
Таубе сепак смета дека состојбата во Кина и во САД не може да се споредува, бидејќи кризата на американскиот пазар на недвижности настана во сосема поинакви услови.
„Во САД кредити за недвижности му беа давани речиси на секој случаен минувач, кој тоа ќе го побараше. За разлика од ова, кинескиот пазар на недвижности е постабилен“, вели Таубе, додавајќи дека Кинезите купуваат нови станови од сопствените заштеди, а не со станбени кредити како што тоа го правеа Американците.
Според аналитичарот на „Дојче Банк“, Штефан Дик, ова би значело дека во случај на криза на пазарот на недвижности во Кина, таа не би имала поголем ефект врз банкарскиот сектор, туку пред се’ би ја погодила градежната индустрија и личната потрошувачка.
Автор: Џанг Данхонг/ Жана Ацеска
Редактор: Трајче Тосев