Кимето постави нов светски рекорд во маратон
29 септември 2014На 41. Берлински маратон Денис Кимето постави нов светски рекорд - 2 часа, 2 минути и 57 секунди. Со тоа 30-годишниот маратонец има за 26 секунди подобар резултат од претходниот, една година стар рекорд на неговиот сонародник Вилсон Кипсанг.
„Ова е голем ден за мене, многу се радувам. Во текот на трката се чувствував многу добро и знаев дека можам да успеам“, изјави Кимето, кој за својот успех доби 120.000 евра како награда. И директорот на Берлинскиот маратон, Марк Милде беше презадоволен:
„Ова е ново поглавје во маратонот, не очекував вакво нешто“.
И второпласираниот, Емануел Мутаи, со време од 2 часа, 3 минути и 13 секунди беше подобар од досегашниот светски рекорд. Како трет се пласираше Абера Кума од Етиопија.
Кимето го подобри и времето на најбрзо истрчана маратонска патека од 2 часа, 3 минути и 2 секунди од страна на Џофри Мутаи во Бостон во 2011 година, кое поради тамошниот профил на делницата не беше признато како светски рекорд. Во женскиот маратон најбрза беше 29-годишната Тирфи Цегауе од Етиопија со време од 2 часа, 20 минути и 18 секунди, втора беше нејзината сонародничка Фејсе Тадесе, а трета-Американката Шалан Фланаген.