Ким Јонг Ун промовиран во нов севернокорејски лидер
26 декември 2011Синот на покојниот севернокорејски лидер Ким Јонг Ил денеска за првпат официјално беше наречен „лидер“ на Работничката партија, што е важен показател дека Ким Јонг Ун по смртта на неговиот татко ги презема најважните политички и воени функции во земјата.
Една недела по смртта на Ким Јонг Ил, кампањата за инсталирање на неговиот син како наследник на функцијата зема замав. Државните медиуми во саботата го нарекоа Ун „врховен водач“ на армијата на Северна Кореја која брои 1,2 милиони војници, и наведоа дека воените функционери му се заколнале на верност.
Ким Јонг Ил со Северна Кореја владееше како лидер на трите главни државни органи- Работничката партија, Народната армија и Националната комисија за одбрана. Неговиот татко Ким Ил Сунг, кој почина во 1994 година и натаму останува „вечен претседател“ на комунистичката земја.
Инаку во Пјонгјанг пристигнаа првите две странски делегации со гости од Јужна Кореја кои ќе изразат сочуство поради смртта на Ким Јонг Ил. Првата делегација ја предводи сопругата на поранешниот јужнокорејски претседател Ким Дае Јунг, Ли Хи Хо. Посетата се смета за приватна и таа нема да остане на државниот погреб закажан за в среда.
Автор: БГ/ап
Редактор: Ж. Ацеска