1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ким Јонг Ун е во критична здравствена состојба?

ЖА / агенции
21 април 2020

Околу здравствените проблеми на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун постојано се вртат шпекулации. Сега циркулираат извештаи според кои Ким е веројатно сериозно болен по извршена операција на срцето.

https://p.dw.com/p/3bCrW
Nordkorea: Raketenübungen unter Leitung von Führer Kim Jong Un
Фотографија: Reuters/KCNA

Јужна Кореја претпазливо реагира на извештаите според кои севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун, по извршена операција на срцето, се наоѓа во критична состојба. Не постојат недвојбени знаци кои би покажувале сериозни проблеми во здравјето на Ким, соопшти денеска претседателското биро во Сеул, ниту пак се регистрирани некакви невообичаени активности во Северна Кореја. Изолираната земја, исто како и секогаш, е обвиена во молк, а независна проверка на информациите не е можна.

Американската телевизија СиЕнЕн, повикувајќи се на сознанија на висок владин службеник од Вашингтон, објави дека тајните служби располагаат со информации според кои Ким, „по операција, се наоѓа во сериозна опасност“.

И интернет-весникот „Дејли НК“ од Јужна Кореја, специјализиран за вести од Северна Кореја, јави дека Ким бил опериран поради срцеви проблеми на 12 април и по операцијата се опоравува под надзор на лекарите во вила на планина североисточно од Пекинг. „Дејли НК“ се повикува на информант од земјата, според кого оперативниот зафат бил веројатно нужен поради повеќе фактори, како преголемата телесна тежина на Ким, неговите пушачки навики и „преоптовареност со работа“.

Северна Кореја не ги коментира ваквите извештаи. Во земјата во широки размери се славатлидерските способности на Ким, но комунистичкото раководство исклучитено строго ги контролира информациите за Ким Јонг Ун и неговото семејство.

Повод за првите најнови шпекулации поврзани со здравјето на Ким последно беше неговото отсуство на церемонијата на 15 април, одржана во спомен на неговиот дедо и поранешен државен шеф Ким Ил Сунг, починат во 1994 година. Министертвото за одбрана на Јужна Кореја истакнува дека ова е првпат откако Ким Јонг Ун ја презеде власта на крајот на 2011 година, тој да пропушти посета на мавзолејот на роденденот на Ким Ил Сунг, каде лежат балсамираните тела на неговиот татко и дедо. Ким Јонг Ун на 11 април раководеше со важна партиска средба во Пјонгјанг, а неговиот роденден беше прославен на 8 јануари, но никогаш не се наведува годината на неговото раѓање. Во Јужна Кореја се проценува дека Ким има 36 години.

Во октомври 2014 година, кога Ким повеќе дена го снема од јавноста, се намножија исто така шпекулации за неговата здравствена состојба. Јужнокорејската тајна служба смета дека тогаш Ким бил опериран од циста на ножниот зглоб, предизвикана веројатно од неговата прекумерна тежина.