1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери премногу се залета?

Геро Шлис/Жана Ацеска8 април 2014

Владата на Обама планира преиспитување на својата улога во блискоисточниот мировен процес, откако шефот на дипломатијата Џон Кери не ги постигна целите. Кери е на удар на критиката. Дали тој се прецени?

https://p.dw.com/p/1Bdjt
Фотографија: Brendan Smialowski/AFP/Getty Images

„Угледот на Кери претрпе штети“, вели Џејмс Филипс, експерт за Блискиот Исток во конзервативната вашингтонска фондација Херитејџ, во интервју за Дојче веле. Привремениот неуспех на мисијата со исклучително лична нота на американскиот министер за надворешни работи во поттикнувањето на мировниот процес меѓу Израел и Палестинците покажува дека „ситуацијата е погрешно проценета и дека изгледите за успешни преговори се преценети“, вели Филипс. Освен тоа, Кери инвестираше страшно многу време во процес кој се‘уште не е зрел, а притоа ги запостави поитните проблеми.

По осум месеци безуспешна дипломатија, десетина патувања во регионот и безбројни ноќни преговарачки рунди, Кери минатата недела ја повлече кочницата: соочен со неуспех, најави проверка на реалистичноста на мировниот процес на Блискиот Исток. Но, може да се случи таа да се претвори во проверка на реалноста за него лично, пишува „Њујорк тајмс“.

МекКејн: Кери си го разубавува светот

Ова може да биде непријатно за Кери, кого американскиот сенатор Џон МекКејн во изјава за Дојче веле го обвини дека си го разубавува светот и ја игнорира реалноста. Критиката се разгорува не само меѓу републиканците, туку се шепоти и меѓу членовите на американската влада.

Претседателот Обама беше принуден да изрази јавна поддршка кон својот министер за надворешни работи:

„Се восхитувам на начинот на кој Џон сето тоа го прави“, истакнал тој. Поддршката ќе му користи на Кери дома, но нема да му го врати угледот и способноста за продорност во странство. Обама му ја препушти бината на Блискиот Исток на Кери, и дури во последниот месец преку разговорите со Абас и Нетанјаху се обиде да го зголеми американскиот притисок за постигнување заедничко решение.

James Phillips Heritage Foundation
Фотографија: David Hills

Постигнати се и напредоци

Метју Дас од Центарот за американски прогрес го смета за хендикеп тоа што САД поради договореното чување тајна не смеат во јавноста да зборуваат за своите успеси. Спротивно на Џејмс Филипс, Дас позитивно ја оценува улогата на Кери.

„Посебно мудра одлука беше снимањето на безбедносната ситуација од страна на генерал Ален. Со тоа беше елиминирана една од најголемите израелски грижи, имено, безбедноста по завршувањето на окупацијата.“

На тој начин се отвори простор за можна спогодба меѓу конфликтните страни.

Според Дас, главниот пропуст на Кери е што тој го потцени целосното постоење недоверба. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас во мировниот процес влезе веќе ослабен, изолиран со својата влада и во рамките на палестинските групации. Иако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата ја најави подготвеноста на Израел да ги продолжи преговорите, експертите се сомневаат во неговата желба за вистински преговори.

Скепсата според Дас се покажа оправдана откако израелската влада минатата недела одби да ослободи уште една група палестински затвореници, како што беше договорено. Тоа беше делумно причина за Абас да го употреби последниот адут и да потпише пристапни документи за „државата Палестина“ кон редица меѓународни конвенции, што во случајов е рамно на нивно признавање на палестинската државност. Израел и САД тоа секогаш го одбиваат.

Колкав авторитет има Абас?

Кери превиде, смета Филипс, дека владата на Абас нема никаков авторитет во Појасот Газа, каде владее радикалниот Хамас.

„Хамас може да го торпедира секој нов круг разговори со ракетен терор. А тоа ја намалува подготвеноста на Израел на одредени концесии“, подвлекува експертот.

Center for American Progress Matthew Duss
Метју ДасФотографија: Center for American Progress

Дас го смета за паметен потегот на Обама да го тргне ослабениот министер за надворешни работи од првата, истурена линија и посредувањето во комплицираните израелско-палестински односи да им го препушти на искусни дипломати. Тоа остава простор за наново обмислување на сопствената улога и ги става под притисок актерите во регионот. Кај Нетанјаху чекорот веќе покажа влијание. Израелскиот премиер е сериозно загрижен од консеквенците во случај на преговарачки неуспех, вели Дас за Дојче веле.

Дали е времето зрело за мир?

Израелците и Палестинците повторно ги зачестија средбите за да го запазат рокот кој истекува по три недели и евентуално да го продолжат. Џејмс Филипс предупредува - одредување на рокот значи погрешен инструмент.

„Грешка е да се поставуваат вештачки рокови, дури и кај рамковни договори“, вели тој мислејќи на изјавата на Кери дека преговорите мора да завршат успешно до крајот на април.

„САД постојано избрзуваа и притискаа на конечен договор“, вели Филипс, сместувајќи го Кери во долгата низа американски претседатели и министри за надворешни работи, кои го вложија својот политички углед и на крајот останаа со празни раце.

„Ако се свртиме наназад: Клинтон, вториот Кемп Дејвид, администрацијата на Буш, разговорите во Индијанополис, Обама во првиот мандат и сега Кери во вториот...“ Експертот не верува дека условите за мировен договор се зрели.