Кери без успех кај Нетанјаху
3 јануари 2014Во моментот кога Џон Кери и Бенјамин Нетанјаху по средбата застанаа на заедничка прес-конференција, веднаш станаа јасни различните ставови на двајцата политичари. Нетанјаху првенствено ги обвинуваше Палестинците: за цело време на разговорите во изминатите месеци, раководството на чело со претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, подбуцнувало расположение против Израел, изјави премиерот.
Абас не треба да ја прокоцка можноста да биде постигнат мир, смета Нетанјаху:
„Мир значи да се прекине со подбуцнувањето, значи борба против тероризмот и негова осуда, значи признавање на Израел како еврејска држава, значи почитување на израелските безбедносни интереси и искрена подготвеност за конфликтот еднаш засекогаш да биде завршен“, изјави Нетанјаху.
Кери пак демонстративно го сврте погледот нанапред. Тој би сакал продолжување на преговорите, кои досега се безуспешни:
„Отсекогаш знаевме дека постигнувањето мир е еден долг, комплициран процес. Еден трновит пат“. Но, не и неможен, уверен е Кери.
Кери апелира за постигнување рамковен договор
За време на неговата веќе десетта посета на регионот, американскиот министер за надворешни работи сака да ги убеди страните во конфликтот да го прифатат американскиот предлог за т.н. рамковен договор, врз чија основа подоцна би се преговарало и во далечна иднина можеби би можело да биде постигнато решение меѓу Израел и Палестинците за постоење на две држави. За тоа се бараат време и компромиси од двете страни, изјави Кери, но би бил постигнат пробив вреден за почит. Тој се однесува на сите суштински точки на проблемот и би значел постигнување претпоставки при кои двете страни секогаш знаат накаде би требало да се ангажираат и што би можело да произлезе како резултат.
Кери сепак не наведе детали за т.н. рамковен договор, а Нетанјаху воопшто не го спомена американскиот предлог. Но, во груби рамки неговата содржина е позната. Според него, Израел во случај на постигнување решение за постоење две држави би се повлекол во неговите граници од пред шестдневната војна во 1967 година и би требало да се откаже од бројни еврејски населби во окупираните палестински области.
Во владината коалиција на премиерот Нетанјаху против ваквите планови постои растечки отпор. Повеќемина водечки политичари партијата Ликуд на Нетанјаху постојано истакнуваат: откажување од територии не доаѓа предвид.
Отпор во Израел и кај Палестинците
Израелскиот министер за одбрана Гидеон Сар за време на посетата на Кери демонстративно отпатува на симболично поставување камен темелник за еврејска населба во долината на Јордан.
„Јасната порака е, се разбира, дека во Израел постои јасно мнозинство кое го поддржува нашето присуство овде во долината на Јордан, кое не е на одреден рок и кое треба да биде земено предвид при секое решение во конфликтот“, рече министерот.
И на палестинска страна постојат отпори против американските предлози. Рамковниот договор предвидува Палестинците да го признаат Израел како еврејска држава, како и да направат широки отстапки во поглед на враќањето на бегалците. За претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, кој се бори за поддршка во населението, тоа се чувствителни точки. Кери денеска се среќава со Абас, а потоа веројатно повторно ќе разговара со Нетанјаху.