1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келн го запали алармот

Фолкер Вагенер/превод: Ж.А.6 јануари 2016

Настаните во Келн претставуваат пресврт. Сексуалните напади на млади муслимани врз жените на јавни места во новогодишната ноќ дејствуваат како експлозив. А тоа е опасно, смета Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1HZ4K
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Прилично пијани и под закрила на ноќта, посегаа под здолништата и блузите на жените. Среде Келн и масовно. Во поглед на прекршителите нема двојба. Биле млади, од машки пол и со северноафрикански-арапски изглед. Без дилеми: дебатата околу доселувањето и бегалците достига нов степен на ескалација. Во социјалните мрежи почна пеколно препукување. Сексистичките ексцеси на виделина излегоа со прилично задоцнување, и тоа не објавени од страна на полицијата, туку жените-жртви преку поднесување пријави беа тие кои ја потегнаа темата, која масивно го загрозува социјалниот мир. Зашто, ноќта на разулавената машка маса пред платото на келнската катедрала се наоѓа среде контекстот на се‘доминирачката тема за бегалците, која драстично го поларизира германското општество. Географското потекло на деликвентите и видот на нивниот престап дејствуваат како масло врз огнот во нашето раздразнето општество.

Расположението може да ескалира

По историската 2015 година, само уште ова ни фалеше. За 1,1 милиони бегалци Германија беше толку привлечна, што безусловно сакаа да бидат евакуирани токму тука и тоа во само една година. Германската влада со месеци со сите средства се обидува да ја балансира начнатата општествена хармонија во земјата. Поборниците на отворено општество мораат постојано да се бранат од нападите од таборот на латентно до отворено ксенофобичните граѓани.

По настаните во Келн, се заканува ескалација на расположението. Кога предрасудите против „странците“ бидуваат опслужени, предупредувањата против генерализирање наидуваат на глуви уши. Подбуцнувањето против бегалците и азилантите преку интернет достигна речиси кулминирачка агресивност. Ксенофобијата повторно доби конјуктура.

Wagener Volker Kommentarbild App

Кој всушност доаѓа во земјава?

Но, овој феномен не смее да го одвлече погледот од фактот што проблемот на криминалните доселеници долго не беше сериозно сфаќан. Со бегалците не стигнаа само примерни семејни луѓе. Деликвентите пред келнската катедрала беа млади мажи, исто како и преовладувачкото мнозинство на дојденците меѓу бегалците. Проблемот што заедно со бегалците во Германија стигнуваат и насилно-легитимирачките мачо-норми од муслиманскиот свет, по 2015 година е повеќе од реалност. Тоа налага нови начини на размислувања, нови дејствувања.

Преоптоварената полиција

Во тоа спаѓа и зајакнувањето на полицијата. Како можеше да се случи десетици жени да бидат беспомошно изложени на напаѓачите? Ништо не е по разоружувачки од одговорот на еден искусен полицаец, кој без заобиколување ја призна немоќта на заштитниците на редот: не можеме повеќе, со деликвентите само ќе се администрира. Веројатно нема да дојде ни до една единствена пресуда во овој случај, стравува синдикатот на полицијата. За ефективен кривичен прогон едноставно нема доволно персонал. Меѓутоа, ваква дијагноза дефинитивно не одговара веќе во променетите општествени услови во земјата.

Протерување! Зошто да не?

Тешко сфатливи се и правилата за протерување. Дрскост и навреда на здравата човечка логика е тоа што не можат да бидат протерани и доселените несомнено повеќекратни деликвенти. На секој пијаница кој дивее, му се изрекува забрана за влез во некој локал. Оној кој на стадион внесува пиротехнички материјал, мора да остане надвор. Но, бегалците и азилантите треба да извршат убиство за да можат да бидат протерани. По настаните во Келн, оваа правна регулатива ја разбираат се‘ помал број Германци.